Средба Џинпинг-Иванов: Кина ќе и пружи рака на Македонија
Претседателот Иванов е во неколкудневна посета на Народна Република Кина. За време на синоќешната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг било констатирано дека Македонија и Кина имаат највисоко ниво на билетерални односи.
- Нашите политички односи изминативе две децении стануваа се посериозни, а како доказ за тоа се меѓусебните односи на високо ниво, зајакнување на политичката доверба и прогрес во меѓусебната соработка во разни области. Кина е подготвена да и пружи рака на Македонија за забрзан развој на нашите односи, рече кинескиот претседател Џинпинг на почетокот на средбата.
На средбата кинескиот претседател најавил и соработка со Македонија во градежни и инфраструктурни проекти, во земјоделството и во други сектори - образованието, културата, кинеската традиционална медицина, со што ќе се поттикне брз развој на односите меѓу двете земји. Исто така, двајцата претседатели разговарале и за области од взаемен интерес и соработката што е остварена во последните 20 години, од воспоставувањето на билатералните односи.
- Констатиравме дека во овие две децении дојдовме до односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво, изјави претседателот Иванов по средбата, оценувајќи ја како особено пријателска и конструктивна.
Во однос на економската соработка истакнато е дека од година во година се продлабочува, така што веќе има намалување на трговскиот дефицит.
- На економски план пројавен е интерес за поголемо присуство на македонските производи на кинескиот пазар. Во контекст на тоа беше спомената и иницијативата што е дадена од нашиот премиер да може Кина да отвори во Македонија слободна зона за кинеските фирми. Тој смета дека тоа им оди во прилог на нивните компании и пројави интерес таа идеја да се реализира, рече Иванов.
- Не радува што многу кинески компании извесно време го истражуваат македонскиот пазар и размислуваат за нивни долгорочни инвестиции. Свесни се за сите поволности што ги дава Македонија во сферата на економијата и странските инвестиции. Ги знаат поволностите и бенефитите што ги дава нашата влада за странските инвеститори, рече Иванов истакнувајќи дека дел од нивната долгорочна стратегија е преку Македонија да имаат пристап и до други земји во нашиот регион.
Претседателот Иванов утре од Пекинг заминува за Ченгду, во провинцијата Сичуан, каде што ќе присуствува на свеченото отворање на 14. Меѓународен форум за Западна Кина, насловен како „Форум за меѓународна соработка на Западна Кина“, кој го организираат 12 провинции на Западна Кина и 12 министерства на Централната Влада. На Форумот, на кој ќе учествуваат повеќе државници од светот, претседателот Иванов ќе има обраќање на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет“.