Јанкулоска: Барањето за расправа за пресумпција на невиност е доказ за хипокризијата на СДСМ

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска денеска во интервју за МИА изјави дека доставената информација до Собранието во која се бара расправа за правото на пресумпција на невиност е најдобра илустрација на хипокризијата и двојните стандарди на СДСМ.

- Самата информација е најдобра илустрација на хипокризијата и двојните стандарди на СДСМ. Доколку се искрени и доколку навистина сметаат дека имало нарушување на пресумпцијата на невиност сигурно би го тужеле МВР. Знаат дека нема ниту говор за такво нешто и одлучуваат само да ја искористат секоја можност да ја девалвираат државата и правосудниот систем. Сметаат дека секој неуспех или критика за Македонија е успех за нив. Дали покажаа макар еден аргумент, соопштение или информација дека МВР ја нарушило пресумпцијата? Не. Можеби јавноста и нема добар увид бидејќи вестите ги следи со задоцнување, но вие, како и сите новинари сте сведоци на двојните стандарди на СДСМ. Точно знаете дека и за случајот „Шпиун“ и за случајот „Претседавач“, СДСМ воспостави нова практика и ве повика во партискиот прес центар соопштувајќи ги имињата на осомничените уште пред воопшто МВР да излезе со каква било официјална информација. Впрочем, сите може да се уверат и на нашата интернет страна дека, дури и кога ќе излеземе со информација, многу внимаваме на објавувањето иницијали, наместо имиња и презимиња, и инсистираме дека лицата се осомничени, а не и дека се прогласени за виновни. Видете што прави СДСМ. Во ист ден се жали на пресумпцијата на невиност и информира дека поднесува кривична пријава нагласувајќи на прес-конференција дека пријавиле член на владата, притоа на најгруб начин повредувајќи ги нејзините права. Сетете се на некоја наша таква конференција. Не можете, бидејќи немало. Има само клевети, навреди и манипулации карактеристични за партијата која седум пати по ред е казнувана за ваквото однесување и потценување на граѓаните и медиумите, изјави Јанкулоска за МИА.

Околу протестите на СДСМ за укинување на притворот на Мирослав Шиповиќ, Јанкулоска вели: -  Тоа е таа политика на девалвирање и деградирање на сопствената држава и сопствените институции, која СДСМ во континуитет, без исклучок, ја практикува. Тоа е потценувањето на целокупниот правосуден систем. СДСМ се уште живее во времето на мрачната транзиција и криминалната приватизација. Се уште се во времето кога со кревање рака, Црвенковски и неговите послушници одлучуваа кој ќе стане судија, а кој обвинител. Се уште мислат дека тој што го избрале на таква одговорна функција им е доживотен должник и мора да работи по нивно убедување, а не по закон. Затоа во време на нивното владеење Македонија го допре дното, но за среќа на сите нас, од тогаш минаа многу години.Зошто ги потценуваат и омалуважуваат судиите? Зошто сметаат дека им треба охрабрување? Зошто сметаат дека тие се некомпетентни сами да се пожалат или обратат доколку се чувствуваат загрозени? До кога планираат да  си поигруваат со граѓаните и меѓународната заедница со вакви мизерни оправдувања за притисоците што ги вршат? Зарем треба да им поверуваме или да им дозволиме во иднина, наместо со пробивање на полициски кордони и упаѓање во канцелариите на судиите, да се обидат и со физички напади и насилство да ги охрабруваат судиите?

Ден по акцијата „Претседавач“ имаше пријава и притвор и за претседателот на управниот одбор на „Млаз Богданци“. Како СДСМ оцени дека тој не е достоен за протести? Како СДСМ оцени дека не треба да се охрабри судот и во тој случај? Како СДСМ оцени дека не треба да се охрабри судот и во истата пријава против директорката на УЈП или кој било од другите 11-мина осомничени?

Исто така., министерката Јанкулоска зборуваше и за обвинувањата од опозицијата за случајот Претседавач, дека станува збор за политичка пресметка и обид да се узурпира вољата на гласачите во Општина Центар.

- За жал институциите и граѓаните веќе навикнаа да се крева прав, да се упатуваат навреди и закани, секогаш кога се документираат противзаконски дејствија за кои се товарат функционери или членови и симпатизери на СДСМ. Да беше првпат, можеби и ќе можевме нешто да и припишевме на случајноста, неукоста, грешките или пропустите во проценките на СДСМ. После протестите и изливите на гнев во случаите „Тенковски делови“, „Глобал“, „Пајажина“ и ред други предмети за сериозен криминал, вклучувајќи го и последниот, се чини дека нема простор за таква опција. Дефинитивно СДСМ смета дека сите граѓани не треба да бидат исти пред законите и дека законите не треба да важат подеднакво за сите граѓани. Особено не за СДСМ затоа секој криминал во кој е инволвиран некој близок на партијата мора да се политизира и затоа за секој ваков случај мора да се крева врева и да се урива угледот на Република Македонија, нашиот правен систем и нашите институции. Случајот од полициски аспект, е чист како солза. Би рекла класика. Противзаконски се обезвреднува и раскрчмува имотот на едно претпријатие, а на доверителите им се нанесува огромна материјална штета. Криминалот за кој се сомневаме дека е сторен е според документите е од 2011 година. Ни беше потребно време за проверка и документирање на сите информации до кои дојдовме по незаконската продажба на имотот на Машинопромет. Тогашниот претседател на Управниот одбор, годинава стана советник и претседател на советот на општината. Зарем требаше да им кажеме на оштетените да ги заборават милионите кои некој бесправно им ги одзел? Зарем вие или кој било граѓанин би бил задоволен со одговор „видете, првоосомничениот сега е функционер на СДСМ, а во случајот е инволвиран и неговиот брат, така што најдобро е да се откажете и вие и ние од натамошното барање на правдата, бидејќи СДСМ и градоначалникот ќе бидат многу лути, ќе инсценираат кризи и ќе ја срамат својата драва пред меѓународната јавност“? Зарем требаше да чекаме да му заврши мандатот или евентуалната одлука СДСМ да го смени? Ние не сме подготвени на такви отстапки кога е во прашање правдата.

Таа додава и за што се товари првоосомничениот во случајот.

- Согласно Извештајот за проценка на имотот на АД-„Машинопромет“, вредноста на стоката на залиха со која располагале била проценета на износ од 64.281.043,00 денари. Управниот одбор во два наврати, без соодветно образложение ја намалува вредноста на стоката, од што се претпоставува умислата за продажба на стоката по ниски цени. Во меѓувреме АД „Машинопромет“ доставува Известување до УЈП, во кое ги информира дека стоката на залиха со која располагаат е застарена и дел од истата нема никаква пазарна вредност и бараат да биде расходована односно да се отуѓи како отпаден материјал. Како доказ ги обезбедивме и решенијата од ОСС 2 Скопје од септември 2010 година, кога по предлог од доверител отворена е предстечајна постапка и донесена мерка за „забрана за оттуѓување на имотот“ на АД„Машинопромет“. Спротивно на ова Решение одговорните лица во АД „Машинопромет“ во текот на април 2011 година вршат продажба на целокупната залиха на трговска стока со која располага Друштвото, како отпадно железо на правното лице „Би Метали“ Штип, но фактички робата завршува и е наменета за правните лица „Ин-Ком“ и „Интеркомерц“ Штип кои подоцна ја пласираат стоката на пазарот со вистинската малопродажна вредност. Имено, во АД „Машинопромет“ пронајдовме и документација за водење на двојно  книговодство. Како поткрепа на фактот дека станува збор за противзаконско дејствие, говори и податокот дека пријавениот сопственик на „Ин-Ком“ не го уплатил договорениот износ од 250.000,00 денари на АД „Машинопромет“, туку на сметката на правното лице „Сиком“–сопственост на братот на првоосомничениот. Од паралелната евиденција, односно фактурите и испратниците од „Би Метали“ до „Ин-Ком“ и „Интеркомерц“, утврдено е дека испорачаните (фактурирани) резервни делови кон „Ин-Ком“ и „Интеркомерц“ се пласираат на пазарот (иако истите од АД„Машинопромет“ се продадени како старо железо) со што се докажува дека продадената роба како старо железо имала  вистинска пазарна вредност. Замислете ситуација каде фирма регистрирана за трговија со старо железо, својот производ го продава на фирми кои немаат лиценца за тоа, туку за трговија со делови. Со наведените дејствија пријавените лица го оштетиле АД„Машинопромет“ Скопје и акционерите на истото за над милион евра и Буџетот на Р.М. во износ од 13.903.887,00 денари, што е долг на „Машинопромет“ по основ на јавни давачки заклучно со 2011 година. Трговска стока од АД„Машинопромет“ Скопје наводно „продадена“ на „Би Метали“ ДОО Штип, во моментот, во најголем дел се наоѓа во магацинските простории на друштвото „Ин-Ком“ ДОО Штип. Од страна на МВР истата е запечатена, фотодокументирана и оставена на чување во магацинските простории на друштвото „Ин-Ком“ ДОО Штип.

За повлекувањето на СДСМ од работата на советите Јанкулоска вели: - Компромис на штета на граѓаните и компромис околу почитувањето на законите е карактеристика на Црвенковски и СДСМ. Ние никогаш немаме намера да лицитираме или да се нагодуваме со нешто што не е во ингеренција на извршната власт. Ваквите барања ја покажуваа деструкцијата на СДСМ. Советниците на СДСМ добиле мандат да ги решаваат проблемите на граѓаните на локално ниво. СДСМ одлучува да ги жртвува граѓаните за вршење притисок врз судот. Членовите на комисијата за имплементација на препораките добија мандат да работат на точките, но СДСМ одлучи да ги жртвува националните интереси за да изврши притисок врз судот. Немаме намера да бидеме соучесници во нивното мајтапење со интересите на државата.

За оставката на Кондарко, Јанкуловска изјавува: - - Целата јавност уште ја памети сликата на Црвенковски од претходните предвремени парламентарни избори. Беше смрзнат од страв. Баш каков што е сега и Зоран Заев. Никогаш не е лесно да се соочите со судот на граѓаните. Не е лесно да ви кажат во лице што мислат ако вашите политики се погубни. Може да се лаже меѓу два изборни циклуси, но кога доаѓа денот на гласање, доаѓа и моментот на вистината. Тоа е тој момент кој на СДСМ му се повторува седум пати по ред. Заев сега, како и Црвенковски тогаш, сметаат дека со промена на првиот човек на ДИК ќе го одложат тој момент или ќе створат забуна за да не одговараат за катастрофалниот пораз на сопствената политика.

Јас лично сум убедена дека Кондарко е принуден да даде оставка бидејќи пред две недели во „Вест“ ја кажа вистината дека соработката со МВР и другите државни институции е на високо ниво и оти нема забелешки на досегашното постапување околу избирачкиот список. Раководството на СДСМ не можеше вторпат да му ја прости искреноста и тоа што ја кажал вистината, откако веќе еднаш пред локалните избори, како најнадлежен, изјави дека избирачиот список е прочистен и го потпиша, а за воља  а вистината сите партии, вклучително и СДСМ се сложија со тоа. Не се согласувам дека треба да го игнорира мандатот и одговорноста пред законот и граѓаните за сметка на одговорноста пред Заев. Тоа е лош и недемократски пристап, вели министерката за МИА.

 

20.10.2013 - 13:06

најчитано сега