Новиот закон за финансиска дисциплина наскоро на владина седница

Македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставревски денеска беше во работна посета на Пробиштип. При посетата тој најави дека новиот закон за финансиска дисциплина со кој треба да се подобри ликвидноста на стопанските субјекти е во завршна фаза и наскоро ќе се најде на владина седница.

- Законот за финансиска дисциплина е во завршна фаза и сме во разговори со стопанските комори за добивање позитивни мислења во однос на законот бидејќи во него се содржани предлози што тие ги сугерираат. Тоа е добар закон за да се подобри финансиската дисциплина, да се заштитат кредиторите, да се подобри ликвидноста на стопанството. За десетина дена ќе се најде на владина седница и потоа ќе оди во Собрание, рече Ставрески одговарајќи на новинарско прашање до каде е постапката за донесување на законот за финансиска дисциплина по пуштањето повеќенаменско игралиште во општина Пробиштип.

Ставревски истакна дека Законот за финансиска дисциплина ќе се однесува на регулирање на обврските меѓу приватните субјекти со рокови за плаќање на обврските со цел да се знае кога ќе потпишат договор дека обврската ќе се реализира во рок од 60 дена, освен доколку двете странки не се договорат поинаку, тогаш може да биде максимално до 120 дена. Но, исто таква одредба ќе има помеѓу државните институции и приватните, значи 60 односно 120 дена за плаќање.

- Тоа ќе помогне навреме да се вршат плаќањата и да се подобри ликвидноста на стопанските субјекти и на тој начин верувам ќе му помогнеме во целина на македонското стопанство. 

19.10.2013 - 14:33

најчитано сега