Награди за најдобрите иновации на МАКИНОВА

На Меѓународната изложба на иновации - МАКИНОВА, која се одржува паралелно со ТЕХНОМА 2013, денеска беа доделени награди на најуспешните пронаоѓачи, идеи и иновации презентирани во последните четири дена. 

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски честитајќи им на учесниците рече дека станува збор за презентација, изложба, промоција на иновативните активности на младите, на учениците, но и на компании, лица иноватори кои се занимаваат со исклучително благородна и креативна активност.

- Како Министерство и како Влада во изминатиот период јасно и недвосмислено укажавме на тоа дека во следниот период ќе посветиме сериозно внимание на развојот на иновативната дејност, развојот на техничко-технолошкиот напредок на Република Македонија преку поддршка на иновативни проекти кои ќе обезбедат зголемување на конкурентноста и квалитетот, а крајна цел на целиот тој процес да биде развој на општеството, посочи Ристовски.

Тој информира дека во постапка е формирање на иновациски фонд, кој ќе биде посебно тело кое ќе поддржува директно развој на проекти од аспект на иновативна дејност и во следниот период во соработка со здруженија и поединци кои сакат да придонесат за иновативниот развој во Република Македонија, ќе работат многу повеќе на промоцијата и поддршката на ваквите активности за да истовремено од тоа добие бенефит целокупното општество.

- Посебно сакам да ги истакнам активностите на учениците од основните и средните училишта кои се навистина мотивирачки за мене како министер за образование, на еден начин, ова како процес биде една од редовните активности во насока на зголемување на мотивацијата кај самите ученици во целата Република да се занимаваат со иновативни проекти, додаде Ристовски. 

Претседателот на Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија, Влатко Стоилков изјави дека на манифестацијата има 103 експонати од Македонија и од Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска, меѓу нив Изложбата „МАКИНОВА“ се занимава со иновации во областа на творештвото кое е поврзано со технички унапредувања на разни уреди и предмети, а изложбата „ЕКОНОВА“ се занимава со иновации во областа на екологијата.

19.10.2013 - 14:17
Фото: 
Влада

најчитано сега