„Л’Екип“: УЕФА во вторник ќе го одложи Евро 2020 за идното лето!
Најугледниот спортски весник, француски „Л’Екип“ објави денеска дека Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе го одложи Европското првенство летово (12 јуни-12 јули) за идното лето и буквално ќе ги суспендира сите фудбалски активности до стишување на епидемијата со коронавирусот и нормализација на животот во секој сегмент на Стариот континент.
УЕФА објави дека за вторник е закажана видео-конференција со сите 55 членки, меѓу нив и ФФМ, со Европската клупска асоцијација (ЕКА), со претставниците на Светското здружение на фудбалери (ФИФПро), како и со европските лиги (ЕФПЛ). Според сознанијата на францускиот весник, УЕФА ќе се реши на таков радикален чекор за едногодишно одложување на континенталниот собир, со цел да им се остави на лигите да си ги завршат првенствата, а потоа нормално да стартува новата европска сезона, но во Нион ќе мора да направат претумбации во календарот за следната година за кога се закажани мундијалските квалификации, па еден термин (во јуни) би морал да се помести.
Засега нема најави кога би се одложиле баражите за пласман на Евро 2020, во кои игра и Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа