Балкански музичари вечерва ќе ги забавуваат посетителите на Скопскиот џез фестивал

Во Универзалната сала во Скопје, вечерва Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов ќе ја забавуваат македонската публика во рамки на Скопскиот џез фестивал.

Стефановски, Тадиќ и Спасов ќе настапат со Македонската филхармонија под водство на естонско-американскиот диригент Кристјан Јарви.

Концертот е балканска премиера по годинашниот настап во Барбикан центарот во Лондон со Лондонскиот симфониски оркестар, како и концертите во Монте Карло и Лајпциг.

На полноќ во Сити хол гостува италијанскиот ди-џеј, продуцент и гитарист Никола Конте, познат по создавањето иновативен стил, спој на есид-џез со боса нова, музика од италијанските филмови во 60-тите и 70-тите.

Утревечер во Универзална сала се џез-иконата Роско Мичел со своето трио и легендарната џез-пејачка Касандра Вилсон со бендот Хариет Тубман, а во Сити хол трубачот Питер Еванс со триото Зебулон.

Последната фестивалска вечер е в понеделник, на 21 октомври, кога пред љубителите на добрата музика ќе настапи парискиот трубач со либанско потекло Ибрахим Малуф. Малуф доаѓа со осумчлена група и ќе го претстави својот проект „Илузија“. По него гостува Дејв Холанд, еден од најдобрите басисти во историјата на џезот. Во Сити хол е бразилскиот трубач Роб Мазурек со проектот „Сао Пауло андерграунд“. 

19.10.2013 - 10:35
Фото: 
Нетпрес

најчитано сега