Заеви им плаќаат минимални придонеси на вработените

 

Курир објави документи со кои се посочува и покажува дека фирмите во сопственост на фамилијата Заеви уплатуваат минимални придонеси за повеќето свои вработени.

Се работи за документи кои се однесуваат на вработените во фирмите „Ева Стајл“ и „Тргопродукт“ во сопственост на Славица Заева, снаа од брат на Зоран Заев, односно Убавка Заева, стрина на Зоран Заев, пишува Курир.

Токму овие фирми во изминатиот период од медиумите беа посочувани како фирми кои добивале јавни набавки од Општина  Струмица и нејзините институции. Дополнително, едната од овие две фирми, Ева Стајл се појавува и како директен донатор на СДСМ, а синот на Убавка Заева, сопственик на фирмата Тргопродукт, добро познатиот братучед на Зоран Заев, Трајче Заев, пак исто така е директен финансиер на СДСМ.

Според документите јасно се гледа дека уплатените придонеси се минимални, што од друга страна значи дека овие лица кога ќе заминат во пензија ќе добиваат и најмал износ на пари во иднина, пишува порталот.

Во фирмата Тргопродукт во месец август 2013 година, дури 45 лица биле со бруто плата под минималната основица за придонеси, а само 2 лица биле со бруто плата над минималната основица.

Во фирмата Ева Стајл исто така дури 40 лица биле со бруто плата под минималната основица за придонеси.

Ова е во целосна спротивност со ставот и најавите кои лично Зоран Заев ги посочи дека СДСМ ќе започне со политика за издигање на средната класа во Македонија.  Познавачите сметаат дека едно е што Заев зборува во јавност, а сосема друго е што во пракса преку фирмите на фамилијата Заеви се спроведува, јавува Курир.

Овие вработени, покрај веројатните проблеми кои сега ги имаат со остварување на своите основни животни потреби, уште повеќе ќе имаат проблеми во време кога ќе треба да остваруваат право на пензија, а таа ќе биде минимална.

„Според познавачите на работничките права, вака не се гради средната класа, вака се разградува. Тие велат дека претсдетелот на СДСМ доколку искрено сака да работи за правата на работниците и средната класа тоа треба да го направи со личен пример, односно на вработените во своите фирми да им дава поголеми плати и да им уплаќа поголеми придонеси за пензиско и инвалидско осигурување“, пишува порталот.

18.10.2013 - 15:07
Фото: 
Курир

најчитано сега