Кондарко: Си одам од лични причини
Од ДИК си заминувам поради лични причини. Тоа е се што кажа првиот човек на Државната изборна комисија во кусото соопштение кое портпаролот на оваа институција попладнево го испрати до јавноста.
„Ве известувам дека денес, 18.10.2013 година, до Собранието на Република Македонија поднесов оставка на функцијата претседател на Државната изборна комисија и согласно одредбите од Изборниот законик побарав на првата наредна седница да биде констатиран престанок на функцијата пред истекот на мандатот. Сметам дека дадов свој придонес во работата на Државната изборна комисија, а оставката ја поднесувам заради лични причини”, се вели во соопштението на Кондарко до медиумите.
Во оставката која тој ја испратил до Собранието, не ги навел причините зошто се повлекува, само побарал, Собранието на наредната седница да му го констатира престанокот на мандатот
Од неговата партија денеска ја потврдија информацијата. Рекоа дека се уште се консултираат околу тоа кој ќе биде неговиот наследник. Велат дека целта не им е одолговлекување на ожувањето на евентуалните превремени избори.