Отворена фабриката на германскиот гигант „Кромберг и Шуберт“ во Жабени

Во индустриската зона „Жабени“ денеска официјално почна со работа новата фабрика на германскиот гигант „Кромберг и Шуберт“.

Фабриката содржи четири деловни единици, кабли, мрежи, пластична технологија и мехатроника, а производите ги пласира кај најголемите европски производители на автомобили БМВ, Мерцедес, Ауди...станува збор за инвестиција вредна 20 милиони евра со која се предвидува да се вработат 2.500 лица.

На свеченото пуштање во употреба присуствуваше и премиерот Никола Груевски кој се обрати пред присутните и истакна дека Владата направила се што е во нејзина можност да ја подготви индустриската зона „Жабени“ и да излезе во пресрет на барањата и потребите на инвеститорот.

- Целиот пелагониски регион веќе ги почувствува придобивките од оваа фабрика. Во изминатиот период имаше голем број огласи за вработување и моментно во работен однос во фабриката се повеќе од 800-ини луѓе. До крајот на оваа година се очекуваат уште 200 нови вработувања, следната уште 1.000 вработувања и постепено до крајот на 2015 година да се заокружи бројката од над 2.500 нови работни места, наведе премиерот Груевски.

Груевски додаде и дека значајно е што компанијата е извозно ориентирана и ќе има свој придонес во зголемувањето на македонскиот извоз во земјите од Европа и светот.  Соработката со „Кромберг и Шуберт“ е основа за понатамошно зацврстување на економските и политичките односи со Република Германија која ја вбројуваме во редот на нашите најзначајни трговски партнери. Дополнително значење на оваа инвестиција и дава фактот што „Кромберг и Шуберт“ е компанија која повеќе од еден век опстојува во автомобилската индустрија, компанија која е почитувана и силно етаблирана на светскиот пазар што е одлично за имиџот на нашата држава како поволна и атрактивна бизнис-дестинација и затоа верувам дека присуството на „Кромберг и Шуберт“ ќе повлече и други слични компании да го насочат својот интерес за инвестирање во Република Македонија, рече Груевски.

Инаку, фирмата „Кромберг и Шуберт“ развива и произведува високо технолошки производи, како кабли, кабловски инсталации, пластична технологија и мехатроника.

18.10.2013 - 13:44
Фото: 
Лидер.мк

најчитано сега