Германски аналитичари: „Тапкањето" во место не е добро за Македонија

 

Германски аналитичари за Дојче Веле коментираат дека Статус-кво ситуацијата не е добра за Македонија. Тие различно „го читаат“ Извештајот за напредокот на Македонија, но, се единствени, дека документот е мошне прецизен, детален и фер.

- За размисла е што Комисијата во конкретниот случај можела да даде многу понеутрален извештај за Македонија. Но, не го направи тоа и дава петта препорака што е уште еден сигнал дека сака поенергично да се работи на проширувањето, дури и кога тоа е чекор по чекор, а не од денес за утре. Мора да се каже дека Европската комисија дава добар предлог: се бара почеток на пристапниот процес и решавање на спорот околу името во раниот стадиум на преговорите. За овој предлог на Комисијата вреди да се размисли зашто дава можност за напредок. Владата во Скопје, исто како и онаа во Атина добро знаат дека пристапните преговори во секој момент можат да бидат прекинати. Затоа, сметам дека има доволно можности да се направи притисок врз двете страни за да се постигне подготвеност за компромис. Од она што се гледа во Македонија, останува впечатокот дека земјата порадо има поглед кон минатото, во антиката (пример Скопје 2014) одошто кон многуте задачи кои мора да се решат и кои не се завршени. За жал, мора да кажам дека недостасува и импулсот кој би морало да го има од страна на Европската унија за да може да се исчекори нанапред, изјави експертот за Балканот проф. д-р Ханс - Јирген Акст.

За д-р Оливер Шварц, експерт за европска политика од Универзитетот Дуизбург-Есен, во петтата позитивна препорака за отворање на пристапните преговори со Македонија Комисијата е многу јасна и директно критична кон Европскиот совет.

- Се кажува дека постои Дијалогот на високо ниво, кој како инструмент и меѓу решение, според Комисијата, ги исцрпило своите можности. Ова значи дека мора да се направи наредниот чекор - да се отворат пристапните преговори. Комисијата по првпат, сега сосема јасно вели дека е подготвена да го започне скринингот, односно наредниот чекор од пристапниот процес без официјално отворање на преговорите. Ова може да биде мошне интересна ситуација во наредниве неколку недели и би значело дека доколку Советот не е во состојба и нема волја да донесе одлука за Македонија, тогаш Комисијата самата би започнала со скрининг, коментира Шварц.

Тој очекува и посакува концентрирана акција од повеќе организации за форсирање на решение за името.

- Не е во прашање само спорот со името и чувствителноста на двете страни. Во меѓувреме е доведен во прашање кредибилитетот како на Унијата, така и на НАТО. Овие институции се залагаат за стабилност. Македонија мора да стане нивна членка што во моментов е невозможно. Од друга страна, под покровителство на Обединетите нации преговарачот Нимиц со децении е активен, но без некој резултат. Има значи повеќе организации кои би можеле да се обединат во една „тројка“, која би ги форсирала преговорите за решение на спорот со името. Треба да се размисли и дали Комисијата не треба да испрати јасен сигнал до Министерскиот совет за опструкцијата на Грција, со што би се навело дека новите блокади не може повеќе да се толерираат, објаснува др. Шварц.

Д-р Душан Рељиќ, експерт за Балканот и раководител на бирото во Брисел на германската Фондација за наука и политика, пак, гледајќи ги не само одделните извештаи за земјите, туку и стратегијата околу проширувањето која на Европскиот парламент му ја предлага Комисијата мисли дека има поместување на тежиштето: - Затоа мислам дека Европската комисија овој пат во извештаите за напредок посвети посебно внимание на кој начин би можела да помогне во надминувањето на економската криза. За Македонија, меѓутоа, клучен останува договорот меѓу Атина и Скопје околу името, а во Извештајот се наведува и новиот билатерален спор меѓу Скопје и Софија, кој во некој момент може да се покаже како пречка, подвлекува Рељиќ.

Тој е категоричен дека Комисијата низ различни форми како на пример Дијалогот на високо ниво сака да го помести процесот од мртва точка, макар и само со технички напредок и усогласување на законските прописи во ЕУ и Македонија. „Тапкањето“ во место и вртењето во круг, според Рељиќ не е добро.

- Секаде каде постои стагнација има и назадување. И тоа не само во класичен политички смисол. Македонија над 70 проценти од извозот го има со четири-пет држави од ЕУ. Доколку нема напредок, Македонија ќе бара повеќе инвестиции, повеќе трговија со држави надвор од ЕУ: со Кина, со Турција, со Индија и со кој било друг партнер. Што повеќе се засилува економската соработка со земјите кои не се во Европската унија, се повеќе се поместуваат и политичките тежишта, со што попушта силата на привлечноста на ЕУ што секако има и политички импликации. Кога Кина тргува со некоја земја не го поставува прашањето на политичката демократија и функционирањето на институциите по урнекот на ЕУ, констатира за Дојче Веле, Душан Рељиќ. 

18.10.2013 - 10:24
Фото: 
Нетпрес

најчитано сега