Катанец за тетовските продавници кои продавале фалсификувани патики

Во контроли кои ги спровеле Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост, Државниот пазарен инспекторат и тетовската полиција, биле затворени повеќе правни субјекти, информираше денеска Мите Костов, претседателот на Координативното тело за заштита на интелектуална сопственост.

- Една продавница, Антигона 2 , е затворена бидејќи продавале фалсификати од познатите марки Армани, Гучи, Бос, Најк, Адидас и други. Во дел од останатите контролирани субјекти, како четири бутици, една парфимерија и една цедетека околу состојбите со нелиценциран софтвер одземени се неколку компјутери. Инспекторите од МВР подготвуваат кривични пријави, како и глоби во вкупна висина од над 10 илјади евра. Нашите акттивности во Тетово ќе траат во текот на целиот ден, изјавил Костов.

Целта на денешната акција, објасни Костов, е да се подигне свеста кај граѓаните. Затоа, на градскиот плоштад е поставен шатор во кој тие може да се информираа околу штетноста од користењето на фалсификуваните производи. Граѓаните ќе можат да се едуцираат и преку флаери, но и поставени оригинални и фалсификувани производи од истата марка.

- Оваа активност под мотото „Останете здрави - користете оригинали“, се спроведува во соработка со Американската стопанска комора и Американската амбасада во Скопје. Има за цел да покаже дека покрај финансиските загуби со користењето на фалсификувани производи без разлика дали станува збор за алкохол, лекови или парфеми, луѓето го загрозуваат своето здравје, рече Костов.

Костов најави слични активности низ цела Макеоднија. Тој истакна дека силната политичка волја  за средување на состојбите со интелектуалната сопственост, веќе е констатирана од страна на Европската Комисија која високо ги цени сите досега преземени активности на овој план.

17.10.2013 - 14:55

најчитано сега