Колкави примања толкав данок - Заев излезе со нови предлог мерки
Ми причинува задоволство што првата презентирана мерка за „повраток на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните“ привлече огромно внимание. Добивме коментари, предлози и забелешки од стручната и експертска јавност, но она што е најзначајно, мерката предизвика особено внимание и интерес меѓу граѓаните кои ја препознаа суштината и можноста за зголемување на вкупниот буџет на секое семејство во Република Македонија.
Уште еднаш Ве потсетувам на позитивните ефектите кои оваа даночна мерка ќе ги предизвика со нејзиното имплементирање:
- Со враќање на 15 проценти од ДДВ-то, на граѓаните ќе им бидат вратени 130 милион евра годишно;
- 20.000 до 30.000 денари годишно повеќе приход за секое семејство;
- зголемена потрошувачка моќ на граѓаните;
-секој граѓанин се мотивира да инсистира на издавање фискална сметка заради можноста да врати дел од данокот при секое купување. Граѓаните се ставаат во улога на „даночни инспектори“.
-Управата за Јавни приходи ќе нема можноста за затварање на дуќани заради даночна недисциплина;
- поттикнување на дополнителна домашна инвестициона активност (нови градби, реновирања, погони, станови, опрема, апарати за домаќинство...);
- создавање на фер услови на пазарот за сите -отстранување на сивата економија;
- сериозно намалување на процентот на непријавени работници (доколку целиот промет се реализира со фактура или друг пазарен документ, се елиминира кешот и се оневозможуваат газдите да ги плаќаат вработените на црно);
- поголем приход во фондот за пензиско и здравствено осигурување - ќе има повеќе пријавени работници и повеќе пари во буџет;
- реално ќе се намали бројка на невработени;
-елиминирање на шверцот и избегнување на царинските и акцизни давачки (овој модел има позитивно влијание и врз производите за кои се плаќа царина и акциза затоа што и при продажбата на тие производи се наплаќа ДДВ)
Почитувани,
Денеска продолжуваме со презентација на мерките од даночната политика содржани во новата програма на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, насочени кон враќањето на значењето, позицијата и достоинството на средната класа во општеството.
Првата мерка ќе значи праведен данокна доход.
(Попрецизно, ќе воведеме праведно оданочување преку персоналниот данок од доход)
- Решението на СДСМ е за вкупен годишен приход на секој граѓанин до 720.000денари, или околу 12.000 евра, персоналниот данок на доход да се плаќа по стапка од 9 %. За приходот на граѓаните над оваа сума даночна стапка да изнесува 18%;
Веднаш да напоменам - ова не значи зголемување на стапката на персоналниот данок. Напротив ова значи дека повеќе од 80% од граѓаните ќе плаќаат помал данок од досегашниот (9%), наспроти сегашниот кој е 10%.Само најбогатите ќе плаќат повеќе. Тоа е праведно оданочување, бидејќи официјалните податоци покажуваат дека најбогатите 20% од граѓаните во Македонија располагаат со доход колку и сите останати 80% од граѓаните.
Еве поедноставена и попрецизна пресметка. Значи, сите граѓани што имаат месечен приход до 1.000 евра ќе плаќаат перонален данок на доход од 9%. Граѓаните што имаат вкупен месечен приход над 1.000 евра, за разликата над 1.000 евра ќе платат 18% персонален данок на доход. Или оној што има приход од 1.200 евра - за 1.000 евра плаќа данок од 9% а за 200-те дополнителни евра плаќа 18% персонален данок на доход.
Потпретседателот Ванчо Узунов веднаш по завршување на моето излагање ќе ви претстави преку графикони каква е сегашната состојба во Република Македонија.
Втората мерка ќе значи ослободување од плаќање данок:
- Приходите од земјоделска дејност и од каматите на штедните влогови на граѓаните во банките нема да влегуваат во формирањето на даночната основица кај персоналниот данок од доход. Сите земјоделци и сите други граѓани кои имаат приход од земјоделска дејност на тој приход нема да плаќаат персонален данок на доход.
Штедните влогови на граѓаните трајно нема да се оданочуваат.
Третата мерка ќе значи развоен данок:
- Ќе овозможиме опција 30 проценти од данокот на добивка да се вложуваат во развојот на спортот, културата, науката и образованието. Тоа значи дека доколку фирмата има обврска за плаќање на данок на добивка од 100.000 евра, даима опција 30-те проценти од оваа сума, или 30.000 илјади еврада ги уплати во буџетот на државата или, да ги уплати како донациски вложувања во развој на спортот, културата, науката или образованието. Што значи директна стимулација на дејности од корист за сите граѓани. За фирмите тоа ќе значи општествено вреднување и признание, како и бесплатен маркетинг и промоција;
-
Спортистите, научните работници, вработените во образованието и културата ќе препознаат каква стимулација ќе значи оваа мерка.
Контролата на овие донации ќе биде редовна по однапред пропишана процедура.
Останува на сила решението кај данокот од добивка единствената даночна стапка да изнесува 10% .
Четвртата мерка ќе значи праведен данок на имот:
- Ќе се редифинира основицата и стапката на данокот од имот. Што тоа значи?! Секој кој има во сопственост еден стан или една куќа во која живее заедно со своето семејството ќе плаќа данок на имот од 0,05% од вредноста на имотот. Доколку поседува втор стан или куќаќе плаќа данок на имот во висина од 0,1% од вредноста на имотот. За трет стан или куќа, ќе се плаќа 0,15% данок на имот. За четврт или повеќе станови или куќи сопственикот ќе плаќа 0,3% данок од вредноста на имотот.
На крајот напоменуваме дека овие се само дел од мерките кои заедно со првата промовирана мерка недвосмислено ќе придонесат за праведна распределба на доходот и богатството во нашата земја и враќање на средната класа во општеството.
Очекуваме дебатата за овие економски мерки да продолжи и да добие на интензитет.
Очекувам конечно и претставниците на владата да се осмелат и да прифатат суштинска дебата по нашите предлози. Паушалните оценки, навредливиот вокабулар и ниското ниво на опонирање само ја потврдува несериозноста и неподготвеноста на власта за аргументирана дебата за клучните прашања од егзистенцијален интерес на граѓаните на Република Македонија.
(Интегрален текст од прес-конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ)