Драан Павловиќ Латас - Популизам

 

Ете, дојде време, комунистите да им префрлаат на демократите дека применувале популизам. А комунизам е втор збор за популизам, по дифолт. Што ли мака ги натерало во СеДеСето да фрлаат камен врз себе.

Имено, популизам, во политиката, е термин кога на народот ќе му го кажете и понудите тоа што тој сака да го чуе, а не она што реално можете да го направите. Патем, плукате по политичките противници за се и сешто, без да понудите анализа и свои решенија.

Оној што ја пишувал дефиницијава, мора да е од овде, и со свои очи да гледал како работат нашиве социјалдемократи. Само гледал, и напишал.

Кога една партија, од Гошев и Црвенковски некогаш, па се до Црвенковски, Гошев, Заев и Шекеринска денеска, дваесет години ќе тера една иста, популистичка политика, тоа е конзистентност до научно ниво. Ни милиметар не отстапиле пред предизвиците. Терале популизам, и точка.

Не убедуваа дека Македонија ќе влезе во Европа, само што не влегла, ако се откажеме од Македонија и станеме ФИРОМ... а и тоа ќе било привремено.

После не убедија дека ако фрај ги предадеме фабриките на менаџерски откуп, ќе имаме организација и стандард како работниците во Германија. Кога не тргна како што треба, и се виде дека се краде од две генерации, се до нашите внуци кои се покрадени... нашето осетливо уво бараше најава на цврста рака, и одмазда за лоповите. Тогаш СДСМ најави борба против октоподот.

Ако го потпишеме Рамковниот договор ќе имаме мирна куќа, безбедна Македонија, и уште првото сабајле место во НАТО и во Европската унија.

Исплашени и бедни, тоа сакавме да го чуеме, тоа и ни беше кажано.
Кога таман помисливме дека се ни е јасно, и дека превариве се при крај, дојде она фамозно ветување за еден вработен во секое семејство на фаталниот 15 септември. Многу вода протече, а работа не се отвараше. Напротив.

Сакавме да слушаме дека имаме иднина. Ни ветија Европа, вработувања, поголеми плати и пензии, образование и лекување без пари, мир и соживот, слободни медиуми и мали даноци... а беше обратно. По сите основи.

Кога пред седум години СеДеСето ја загуби власта, бевме очајни.
Имавме 37 посто невработени, најмногу од сите во Европа. Да, повеќе дури и од Албанија, Босна, Србија, Бугарија... Дупло и кусур повеќе од Грција, три пати повеќе невработени од Шпанија и шест пати повеќе од Германија и Франција.

Сега имаме 27 посто невработени. Од тогашни 15, сега просечната плата е 25 илјади. Поштено, ни оптимистите не се надеваа на ова пред седум години.

Бевме очајни затоа што земјоделците, тогаш, имаа од државата само 7 милиони евра субвенции. Денеска добиваат над 120 милиони. Евра, секако.

СДСМ, на секои избори, ветува поголеми плати и пензии, затоа што државната администрација и пензионерите тоа сакаат да го чујат. Но, факт е дека за 15 години власт Црвенковски ги намали пензиите за 8 посто. А плати не покачил никогаш. Дури ни обид за тоа немало.

Како што е факт дека пензиите сега, без СДСМ, се 40 посто поголеми отколку пред седум години, а и платите во администрацијата скоро толку.

Образованието, за последниве седум години, стана бесплатно, а примарното лекување е без пари. Плус, едно 150 милиони евра потрошени за нови школи, факултети и болници. Па ти сега види, што е популизам.

И, затоа, кога оној гласноговорникон на Шекеринска, Дамјан, што на самогласки отвора уста како да бил три минути претходно под вода, го прозва Груевски за популизам, мислев дека му се заматило од долгото седење под вода. Дека, просто, кога е човек долго доле, без воздух, може и да се збуни.

Ама, овој се збунил ептен. Бандераш, тоа ти е. 
По него тргна Заев. Со истата приказна. Што е доказ дека не е во тек со современите случувања во Скопје, и дека портпаролите на Рада преку телевизија му ја соопштуваат партиската политика. А он, после, истата ја следи.

Само човек што предолго бил држан под вода, може да излезе со предлог дека ќе им враќал ДДВ на граѓаните, и тоа бар 400 до 500 евра месечно. Еднаш тврдат по човек, друг пат по фамилија. И мислат дека некој ќе им верува.

Тоа не е популизам. Тоа е, просто, халуцинација на очајник.
Кога нема што да се понуди, понуди нешто што никој друг не го понудил.
Добро, го понудиле Турците. Ама се откажале за шест месеци.

Дека работата е дојдена од блага несвестица на партискиот врв, се гледа и од текот на настаните. Заев вика, 500 евра по човек. Неговата лева партиска рака, експертот економски Узунов, тврди дека е толку по фамилија.

Па луѓето сами на себе не си веруваат, а не ние да наседнеме на трикот.
Замисли, кога секоја фамилија, да не спомнувам секој граѓанин, би добил по 500 евра секој месец од државата каде ќе ни биде крајот. На небеса!

Во Македонија, во која ни трошоците во фамилија не се 500 евра месечно, треба да ти вратат само по основ на ДДВ, 500 евра. Секој месец. Лепота.

Добро бе, мајмуни ли сме ние. Или само они така гледаат на нас.
Ако така гледаат овие од СДСМ на нас, треба да се појават на избори во Зоолошка градина. Па на приказните нема да има крај.

И затоа, олабави брат. Не си ти против популизам. Ти си дел од проблемот, а не неговото решение. А проблемот е голем. Генерички.

Како дел од генеричкиот проблем, вродена блага несвестица заради предолго задржување без воздух, под вода, истиот Дамјан со нагласено кезење при отворање на устата на самогласки, огласи дека апсењето на Шиповиќ, советникот на СДСМ од Општина Центар, било политичко апсење.

Демек, Шиповиќ е една крупна политичка марка, и со неговото апсење СДС ќе биде длабоко разнишан. Затоа што Шиповиќ ќе оди на суд.

Е, колку ли паднал СДСМ ниско штом советникот Шиповиќ му е фактор.
Патем, во истата акција во Машинопромет Скопје - ВМРО ја уапси директорката на УЈП Скопје, Елена Јанева, која има исклучиво јака позиција. За онаа советничката позиција на Шиповиќ, Елена е обермастер.

Кога една полиција, во истата акција, ќе уапси прв човек на Управа за приходи, поставен од ВМРО, е кристал доказ дека нема партиски мотиви.

Како што само од партиски мотиви, своевремено, СДСМ му го присвои спорниот Машинопромет на Пајмакоски, и си направи партиска фирма. На чело на таа партиска фирма си го здена советникот им Шиповиќ. Еве го епилогот.

Што рековме, популизам е кога се нуди се што ти сакаш да чуеш. Истресено од ракав, се става на маса од игла до локомотива. За секого по нешто. Па секој може да си најде што му е потребно.
Имамо тегле, апове, жилете, камен за пете... јефтино је госпоѓо.

Драган Павловиќ Латас за Вечер

13.10.2013 - 23:44

најчитано сега