Груевски го пушти во употреба повеќенаменско игралиште во Шуто Оризари

Денеска претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, директорот на Агенција за млади и спорт Александар Пујовски и градоначалникот на општина Шуто Оризари Елвис Бајрам, пуштија во употреба ново повеќенаменско игралиште во Шуто Оризари.

- На ова повеќенаменско игралиште може да се игра фудбал, кошарка, ракомет и други спортови. Игралиштето е оградено и осветлено за да може да се употребува и во вечерните часови. За негова изградба Владата издвои 7 милиони денари, истакна Груевски.

Премиерот подвлече дека спортот не е единственото поле на кое Владата ја помага ромската заедница.

- Овие неколку години имаме навистина многу проекти со кои сакаме да го подобриме животот на Ромите од најразличен аспект, но пред се во делот на образованието, здравството, вработувањата, социјалната политика, културата и други области, нагласи Груевски.

Во делот на образованието Груевски потсети на програмата за стипендирање на сите средношколци Роми кои ќе се запишат во прва година, како и за огласот за стипендирање на 700 талентирани ученици Роми кој е во тек. Активна е  мерката за условен паричен надоместок односно парична помош од 12 илјади денари годишно за секое дете, кое редовно оди во училиште од социјално загрозените ромски семејства.

- Покрај за студентите, средношколците и учениците во основно образование имаме мерки и за децата во предшколска возраст. Во 17 општини низ земјава меѓу кои и во Шуто Оризари во тек е проект во чии рамки го плаќаме надоместокот за сите деца од 3,5 до 5,5 години кои посетуваат градинка и понатаму го следиме нивниот развој, рече Груевски додавајќи дека за поуспешно спроведување на проектот во оваа општина веќе има вработено една негувателка во градинката, а наскоро ќе биде вработена уште една од ромска националност.

Ова повеќенаменско игралиште, како што нагласи Пујовски, е само дел од заложбите на Владата младите да прераснат во личности кои преку негувањето на основните спортски вредности и спортската култура понатаму дополнително ќе придонесуваат во развој на спротот во Република Македонија.

- Со пуштањето во употреба на ова повеќенаменско игралиште се заокружува концептот на создавање здрава нација преку делувањето во сите сегменти кои го креираат севкупниот развој на спротот, како што е поддршката на врвниот спорт преку националните  спортски федерации, поддршката на спортските клубови, училишниот и универзитетскиот спорт, борбата против допингот и порорците на денешницата, борбата против насилството и недостојното однесување во спортот, донирање спортска опрема и реквизити, рече Пујовски. 

12.10.2013 - 15:36

најчитано сега