СДСМ го честита 11 Октомври на сите Македонци

Осамна уште еден 11 Октомври. Осамна уште еден празничен ден кој буди празнување во нашите души. Со тоа повторно осамнуваат спомените од денот кога непокорот и слободољубивоста на македонските борци го покажаа своето праведно лице. Го славиме денес овој ден запишан  во историјата на македонскиот народ како Ден на востанието на Република Македонија или Ден на народното востание, но во исто време и како Ден на борецот. За овој ден многу е кажано и многу е напишано. Кажано е и ова:“Во најубавата приказна за слободна Македонија се вградени судбините на огромен број млад луѓе. Затоа, ова наше востание мора да стои на пиедесталот на македонскиот народ, во креирањето на вистинска приказна за македонската република.”  Од изреченото за овој празник времето памети дека: “ 11 Октомври е ден од македонската историја , кој не само што е симбол на македонската борба за слобода, туку е ден кога е поставен еден од темелите на подоцнежната македонска државност. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Наша должност останува да го чуваме она за што тие го дадоа својот живот. Нашата историја не мотивира да чекориме напред, да веруваме во себе.”  Денес има повод да се слави на секое парче земја во светот каде што чекори македонска нога. Денес има причина да се слави во нашата татковина затоа што 11 Октомври не е обичен ден, затоа што 11 Октомври  е ден за паметење, ден за гордеење, ден за почитување.

 Ако се знае дека во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија, за денешнава наша слобода, својот живот го положиле 24 илјади граѓани на Македонија, и ако се знае дека настаните од 11 Октомври се производ на осмислените активности на македонските борци, тогаш сосема логично е што денес одбележуваме двоен празник. Сосема е разбирливо што на Денот на востанието на македонскиот народ, го прославуваме и Денот на борецот. Тоа се две компатибилни нешта, две нераскинливи алки од историјата кои взаемно се надополнуваат. Да се зборува за едната независно од другата, едноставно е невозможно. Претставува задоволство, чест и гордост низ збор да се оживуваат настаните од нашето историско минато. Да се зборува за епопејата на Македонија и македонскиот народ и нејзиниот бесмртен идеал, да се зачуваат во меморијата спомените за македонскиот непокор и да се извадат повторно на виделина многуте историски епизоди во кои протагонисти се луѓе возљубени во својата татковина, луѓе кои непоколебливо биле решени да го претворат во јаве вековниот сон за национални, социјални и политички слободи и права. Да се зборува за сево ова, навистина е возвишена работа.

 Македонија во виорот на Втората светска војна во која Хитлеровиот фашизам жарел и палел се пред себе, повторно е поделена , овој пат помеѓу германскиот , италијанскиот и бугарскиот окупатор. Тоа уште повеќе ја зголемува трагедијата на народот , бидејќи едно ропство било заменето со друго. Мислата на слободољубивите и непокорни борци се огледува во прашањето: “До кога вака? Кога еднаш засекогаш ќе изгрее вечно сонце на слободата кое ќе  ни даде цврст нишан дека конечно сме станале стопани на сопствената земја , дека конечно ќе бидеме свои на своето.” Таквата мисла и поривот кон слободарското утре, морале да резултираат со епилот во кој на силата треба да и е се покаже сила. Иако слабо вооружени , македонските борци биле недвосмислени во намерата да покажат на дело, како се брани татковината. Се покажало како и многу пати дотогаш дека нерамноправната битка може да ја добие и послабиот, кога на негова страна се правдољубивоста, вербата во успехот и љубовта кон родната група. И конечно се случи тој плотун против поробувачките илузии на непријателот, се случил мигот кога дури и поговорката “ трпение - спасение” не можела да биде вечна надеж. Токму на денешен ден пред 72 години со нападот извршен од страна на Прилепскиот партизански одред било дадено до знаење дека започнува народноослободителната и антифашистичка војна во Македонија. Станува збор за истовремен напад врз полицискиот участок , врз затворот и врз телефонско-телеграфската мрежа кој бил повеќе од успешно осмислен, организиран и извршен. По Прилеп, по кратко време, следувал и вооружениот отпор во Куманово, за потоа востанието да се прошири на територијата на цела Македонија, преку исфрлање на нови партизански одреди и реорганизирање на веќе постоечките. При ова, мора да се спомене дека востаничките истрели за решавачкото ослободување на поробената татковина , одекнале речиси истовремено и во сите делови на распарчената Македонија. Следувала тешка , измачувачка и долга војна за конечно ослободување , проследена со многу страдања , крвопролевања, изгубени домови и човечки животи, но сето тоа попратено со силна верба дека слободарското утро мора еднаш да осамне. Тоа го најави и Првото заседание на АСНОМ кога беа удрени темелите на македонската државност, а потоа и завршниот епилог – ослободувањето на сите градови и села во Македонија.

 11 Октомври 1941 година беше предвесникот на новата посветла и поубава историја на Македонија и македонскиот народ. Денес, на денот кога ја одбележуваме 72-годишнината од востаничкиот 11 Октомври, ние, но секако и помладите генерации, не можеме да не бидеме горди на големата востаничка епопеја, зошто токму 11 Октомври го прати одлучниот глас против туѓите поробувачи, но и глас на слободата која се уште одекнува во душите на македонските граѓани. Со тоа на непријателите недвосмислено им беше кажано дека овде не им е местото. Со тоа македонскиот непокор доби уште еден печат ,како и во случаите со сите поранешни буни и востанија забележани во македонската историја. А кога станува збор за македонската историја, тогаш секому треба да му биде совршено јасно, дека таа има онолку страници за читање колку што со крв, непокор и љубов се напишани. Ни повеќе ни помалку. Затоа кога ја препрочитуваме таа историја, тоа треба да го правиме така како што треба, од почетокот до крајот, од првата до последната страница. Ако по нечија волја бидат прескокнати некои страници, тогаш уништуваме дел од нас и од нашето постоење и правиме невидено злосторство кон Македонија и кон самите себе, не помало од она злосторство кое го правеле оние кои во минатото , но и сега сакале и сакаат да не нема. Ама не има и ќе не има се дури веруваме во Македонија, се дури веруваме во себе, с дури имаме комплетно чесен однос кон вредностите од минатото. Оној момент кога на достоинствен и правилен начин ќе го апсолвираме минатото, ќе имаме и неприкосновено право на иднината. Денешницата е таа која ние ја живееме и која ги поврзува периодот зад нас и периодот пред нас. Ако денес ја уживаме слободата што некој во аманет ни ја оставил, да не дозволиме денес да ја доослободуваме Македонија, овој пат од нас самите. Разбирање, почит, толеранција, заедништво и братска љубов, тоа ни е потребно за да го совладаме неединството, за еднаш засекогаш да се збогуваме со македонскиот синдром на самоуништување.

 Драги сограѓани, ајде со позитивна мисла да му се израдуваме на овој ден, ама искрено и чесно како што доликува на луѓе кои со срце и душа ја љубат татковината Македонија. Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на востанието и Денот на борецот.

Интегрален текст од честитка на СДСМ.

11.10.2013 - 14:23

најчитано сега