Иванов: Ја живееме слободата за која некој се борел и го дал животот!

 

Претседателот на Републикава, Ѓорѓе Иванов, се обрати на свечена академија по повод 11 Октомври-Денот на народното востание.

- Ние ја живееме слободата за која пожртвувано се бореа и се изборија храбрите борци во Народноослободителната и антифашистичка борба. Нашите деца безбедно растат под знамето на слободата, знаме под кое се бореа илинденците и АСНОМ-ците. Благодарение на нив, ние денес сме свои на своето. За тоа сме им вечно благодарни, посочи шефот на државата, пренесе Курир.

Претседателот Иванов во своето обраќање истакна и дека без сеќавање, нема иднина па затоа според него Европската Унија треба да учи од минатото на разединета Европа.

- Лекцијата од Втората светска војна е дека во услови на криза треба да се биде проактивен, а не пасивен. Во услови на криза треба да се бараат решенија, а не изговори. Токму во моменти на криза треба принципиелно да се бранат заедничките вредности, слободата, демократијата, човековите права и човековото достоинство. Секогаш кога се прави компромис со темелните вредности, се поткопува темелот врз кој е изградена слободата и демократијата, рече Иванов.

Исто така според Иванов Македонија и Македонците се на страната на правдата, исправното и доброто.- Сведоци сме дека кај некои во соседството отсуствува дури и толеранција. Кај некои постои толеранција. Некои ги прифаќаат различностите. Но, Македонија секогаш гледала подалеку од овие концепти и негувала нешто што е повеќе и од толеранцијата и од прифаќањето, а тоа е почитта кон различноста. Се толерира само она што се мора, а се почитува она што се сака. Цврсто сме решени да истраеме на нашиот праведен пат. Пат што пожртвувано го пробија великаните на нашата историја – илинденците и учесниците во големата Народноослободителна и антифашистичка борба на Македонија, додаде Иванов.

 

11.10.2013 - 11:02

најчитано сега