Студентите од „Јустинијан Први“ на средба со француски правни експерти

Студентите од трета година на правни студии од Правниот факултет „Јустинијан Први“ денеска имаа средба со заменик директорoт на Државната правосудна академија-ЕНМ од Франција, Жан Давид Кавалие и со универзитетскиот професор од Бордо, Оливие Дибос.

Како што информираат од Академијата, француските експерти и директорката Арнаудовска имаа средба и со продеканот за наука на Правниот факултет, Гордана Бужаровска, на која беа разменети искуства во насока на отпочнување нов процес кој води кон запознавање на студентите на правните факултети уште од самиот почеток на студирањето со условите и критериумите за влез во Академијата, како и со професиите судија и јавен обвинител, со што ќе се овозможи нивно натамошно насочување, но и навремена подготовка. 

Кавалие пред студентите ја презентираше Државната правосудна академија – ЕНМ, а во рамките на своето излагање се осврна и на перцепцијата на јавноста во Република Франција за судиите и јавните обвинители, при што истакна дека нема голема разлика во Франција и Македонија кога станува збор за поимањето на судиите и јавните обвинители.

Експертите заедно со Арнаудовска препорачаа студентите да ги прошируваат и надградуваат своите знаења во сите области, не само во правото, туку да се запознаат и со социологијата, психлогијата, економијата и други науки, бидејќи тоа ќе им овозможи во иднина поголема стручност и професионалност во донесувањето на одлуките кога ќе седнат во судиското столче или пак кога ќе станат обвинители.

Директорот на Академијата  изрази задоволство од присуството на студентите и од интересот кој го покажаа. Како што беше претходно споменато, рече дека и во иднина Академијата за судии и јавни обвинители ќе прави напори да обезбеди предавања на странски експерти, поврзани со оваа тематика пред сите студенти од правните факултети во земјата, со што би се подигнала свеста и би се видоизменила моменталната перцепција за судиите и јавните обвинители, односно би се унапредил правосудниот систем на Република Македонија, преку селекција и регрутација на најдобрите кандидати кои во иднина ќе бидат европски, професионални, независни и непристрасни судии и јавни обвинители. 

09.10.2013 - 16:29
Фото: 
Новатв.мк

најчитано сега