Врвен француски хирург за трансплантација на црн дроб доаѓа во Скопје
Делегацијата од Македонија предводена од директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева Змејкова, која се сретна со генералната директорка на Француската Агенција за биомедицина, Еманануеле Прада-Борденав, договори за две недели во Скопје да допатува Оливер Боилор, врвeн хирург за трансплантација на црн дроб од Центарот за трансплантација во Лион, Франција.
Улогата на проф. д-р Оливер Боилор во Македонија, како што се наведува, ќе биде во насока на почнување и развој на трансплантацијата на црн дроб од жив дарител во соодветните јавни здравствени установи, увид во состојбата на капацитетите и кадарот за трансплантација на црн дроб, но ќе биде и добра подготовка за идните тимови кои ќе вршат трансплантација на црн дроб од жив дарител или кадавер.
- Професорот веќе има работено на вакви проекти во други држави и со голем успех го воспоставил и развил овој тип на здравствена услуга. Агенцијата за биомедицина е расположена да даде подршка за развој на софтверско решение за креирање на листа на чекање за пациенти на кои им е потребна трансплантација на ткива и органи во Македонија, стои во соопштението од ФЗОМ.
Инаку, досега успешно се врши трансплантација на бубрези од жив дарител, а во иднина, преку таа соработка ќе може да се врши и трансплантација на бубрези за пациентите кои се на дијализа, а се инсулино-зависни (дијабетичари) на кои им е потребно и трансплантирање на панкреас.