Регулаторна се закани: Доколку не пушти парно БЕГ ќе ја загуби лиценцата

 

Над 45.000 корисници на топлинска енергија од скопските општини Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Кисела Вода, Чаир, Аеродром и Општина Гази Баба кои ги користат услугите на компанијата Балкан енерџи груп (БЕГ), се уште се со ладни радијатори. Од компанијата велат дека технички се подготвени за старт на грејната сезона, но се чека официјално менаџерскиот тим да го означи почетокот на новата грејна сезона, пишува Вечер

Од Регулаторната комисија за енергетика реагираат на ваквиот став на компанијата и
укажуваат дека неопходно е веднаш да се отпочнете со испорака на топлинска енергија. Регулаторите се повикуваат на обврските што компанијата ги има преземено со добивањето на лиценцата, а се содржани во Правилникот за топлинска енергија. Правилникот обврзува доколку се исполнети условите и пред официјалниот старт на грејната сезона, а тоа е 15 октомври, да испорачаат топлинска енергија до сите потрошувачите. Според нив, доколку и покрај нивните забелешки, компанијата не стартува со испораката можно е да и се одземе лиценцата, но да има и парични санкции.
- Согласно член 44 од Правилата за снабдување со топлинска енергија беа исполнети условите за отпочнување на грејната сезона, бидејќи според Управата за хидрометеоролошки работи измерените температури во 21 часот беа пониски од 12 Целзиусови степени и со тоа има услови за отпочнување на грејната сезона 2013/2014 година - потврдуваат од РКЕ.

Тие истовремено информираат дека во член 45 е наведено дека за време на грејната сезона, снабдувачот е должен да му овозможи на потрошувачот континуирано снабдување со топлинска енергија, согласно мрежните правила. Како носители на лиценци за вршење на енергетските дејности производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија тие имаат обврска да обезбедат сигурно, безбедно, континуирано и квалитетно производство и дистрибуција на топлинска енергија во согласност со условите утврдени во лиценцата.

Регулаторите предупредуваат дека согласно член 48 од овој Закон, постои можност да и ја одземе лиценцата токму заради неисполнување на обврски кои произлегуваат од неа. 
- Согласно член 188 и 189 од Законот за енергетика предвидени се прекршочни одредби и санкции за физичкото и за правното лице кое не ги исполнува условите наведени во Законот за енергетика - потсетуваат регулаторите.

За разлика од Балкан енерџи груп од понеделникот Топланата Скопје-Север веќе почна со испорака на топлинската енергија. Како што не информираше нејзиниот директор, Игор Поповски, со топлинска енергија се снабдени 500 корисници и 11 училишта, градинки и здравствени објекти што се лоцирани во реонот на Чаир и Бутел.

Во текот на вчерашниот ден се очекуваше да стартува и испораката на топлинската енергија од ЕЛЕМ-Енергетика. Како што најавија од компанијата ќе се стоплат домовите на 4.000 домаќинства и 80 јавни објекти лоцирани во Маџари, Хиподром, Триангла, Железара и Автокоманда. Од ЕЛЕМ - Енергетика потсетуваат дека од први јануари годинава мрежата ја проширија и во неа беа вклучени уште околу 1.800 нови корисници на парно од реонот на Автокоманда.

Заради проблеми со коишто се соочуваат скопјани веќе неколку години наназад при стартот на грејната сезона градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, најави дека ќе побара враќање на ингеренциите за носење на правилникот за снабдување со топлинска енергија како што било во минатото. Тој посочи дека на оваа тема градскиот Советот разговарал повеќепати.
- За парното се дискутирало и сигурно дека тоа ќе биде една од нашите активности во следниот период - посочи Трајановски.

08.10.2013 - 23:14

најчитано сега