Влада: Избрани се најдобро рангираните кандидати

Апликантите кои беа најдобро рангирани и посочени од компјутерскиот софтвер не се избрани по пат  на лотарија или среќа, туку се рангирани според вкупниот број добиени бодови пресметани врз основа на поднесените податоци од нивна страна и врз основа на претходно утврдени и јавно објавени критериуми.

Ова се наведува во соопштението од Секторот за односи со јавноста на Владата на Република Македонија „во врска со информациите кои се објавени во дел од медиумите, а се однесуваат на начинот на избор на кандидатите од огласот за 1.600 вработувања и неточните и невистинити тврдењата дека селекцијата наводно била извршена по случаен пат или по пат на лотарија“.

- Повторуваме, во целиот процес не постоеше никаков субјективен критериум во процесот на избор ниту пак некаква лотарија, туку рангирање на кандидати врз основа на бодирање по повеќе параметри и тоа од страна на компјутерски софтвер во кој беа внесени сите податоци. Избраните 1.600 кандидати кои ќе бидат вработени се оние лица кои ги исполнуваат условите од огласот и имаат добиено највеќе бодови врз основа на приложени податоци и согласно тоа се подобро рангирани во споредба со останатите апликанти на огласот.

Апелираме за коректно известување и избегнување на манипулации и погрешни толкувања.

Целокупниот систем и процес на селекција, бодирање и рангирање беше повеќепати објаснет уште од моментот на промоција на проектот, во рамки на огласите кои беа јавно објавени, и во рамките на самото рангирање кое беше јавно и транспарентно, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

06.10.2013 - 21:29

најчитано сега