Субрата Рој фасциниран: Во Македонија воопшто нема корупција
Индискиот бизнисмен Субрата Рој се шири на Балканот. По Македонија, следна мета на милијардерот е Хрватска, каде сака да купи банка, објавува „Јутарњи лист“. Според весникот, Рој најмногу се заинтересирал за “Хрватска поштенска банка“.
- Осигурителни компании не би купувал, имам своја осигурителна куќа и во овој дел не планираме да се шириме. Но, ако банката е добра и здрава, тоа секако е инвестиција за која сме заинтересирани – изјавил индискиот бизнисмен.
Според Јутарњи лист, Рој веќе добил комплетен извештај за пазарот на банки во Хрватска во кои евентуално може да се инвестира.
Тој не знаел многу за Хрватска и признава дека имал многу прашања за балканската земја. Во сторијата која ја објавува „Јутарњи лист“, Субрата зборува и за Македонија. Тој вели дека од инвестициите во Македонија ќе просперираат и останатите зземји од регионот.
- Кога колегата првпат ми ја спомна Македонија, признавам дека не знаев ништо за земјата. Се распрашав и дознав дека тука е родена Мајка Тереза, и тоа посебно ме заинтересира. Потоа, во Индија се сретнав со македонска делегација предводена од премиерот Никола Груевски, кој ми ги изложи можностите за инвестиции. Се спакував и дојдов да видам како тоа изгледа на лице место. За неколку месеци имав готов проект. Се беше во согласност со законите, кои се доста поволни за инвеститорите. Фасциниран сум од земјата. Тука воопшто нема корупција, никој не ни побара ниту едно евро. И работата со дозволите одеше глатко – раскажува Субрата Рој.