Државни вработувања денеска во живо на МРТВ
Денеска, во рамки на отворена програма која ќе почне во 12 часот на Македонската телевизија, ќе биде извршено директното компјутерско рангирање на најдобрите 1.600 апликанти кои ќе бидат вработени во државните институции и органи согласно огласот за вработување на лица од социјално ранливи категории објавен од ЈП „Македонски шуми“. Пријавени се повеќе од 20.000 лица. Избраните ќе бидат првично вработени во ЈП Македонски Шуми, потоа дел од нив ќе останат работа во ова јавно претпријатие, а другите ќе бидат преземени во други институции.
Со директното комппјутерско рангирање, треба да се обезбеди силна транспарентност на процесот на избор заради елиминирање на влијанија од човечки фактор и протекционизам, односно ќе се овозможи правичност на самиот процес. Пријавени се над 20.000 апликации, а директниот избор ќе претставува финално, прво, основно и потесно рангирање.
Изборот ќе биде направен согласно објавените критериуми и опфаќа четири групи лица и тоа долгорочно невработени со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен. Од овие категории ќе бидат вработени по 400 лица, при што во рамките на секоја група има вработувања за лица со ниски квалификации, со средна стручна подготовка и за лица со високо образование.
Изборот ќе биде извршен од компјутерски електронски софтвер кој ќе содржи податоци за апликантите собрани на три начини заради обезбедување транспарентност и правичност на процесот. Првиот вид се податоци кои самите апликанти ги навеле во обрасците што ги имаат доставено до ЈП „Македонски шуми“. Вториот вид се податоци со кои располагаат државните институции (УЈП, ФПИОМ и Агенција за вработување), а кои се обезбедуваат по службена должност и третиот тип се собрани од специјализирани тимови на институциите кои извршиле теренски посети на поедини апликанти за да ја утврдат веродостојноста и точноста на наведените податоци.
Лицата кои ќе бидат најдобро рангирани ќе бидат наведени по име и презиме, а по јавната селекција сите тие ќе бидат и писмено известени за резултатите.
Лицата кои нема да бидат избрани од софтверот ќе имаат можност за жалба до Второстепена комисија или да поведат управен спор.