Скопје на нозе - еве што не чека на „Бела ноќ“

 

Вечерва во 20:30 часот, со отворање на изложбата на ремек дела од македонската современа уметност насловена „Уметникот и диктатурата“ во Музејот на Град Скопје, официјално ќе почне манифестацијата „Бела ноќ 2013“, која се одржува традиционално деветта година по ред.

„Уметникот и диктатурата“ е досега незабележана поставка во историјата на македонската уметноста која ќе се одржи и во Чифте амам, Културно-информативниот центар и Младинскиот културен центар. На присутните во Музејот на Град Скопје ќе се обрати градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Поворката ќе продолжи по улицата Македонија, a спектаклот ќе се случи на плоштадот Македонија каде светската атракција Commandos Percu, во 21 часот ќе одржи музичко - пиротехничко шоу, насловено „Bombs pet minute“. И оваа година, „Бела ноќ 2013“ ќе биде збогатена со музика, филм, поезија, модерна уметност и мода.

Настани ќе има низ цело Скопје: концерти пред Стоковна куќа - МОСТ, изложби во Галерија 8, ИКОМОС, перформанси. Киното „Милениум“ и киното „Фросина“ повторно со отворени врати за 24 часовните бесплатни филмски маратони кои ги вклучуваат најактуелните филмски мега хитови, како и најдобрите европски остварувања. Во 22 часот ќе почне и Сине Сити - киното на отворено, на огромното кино платно, во Градскиот парк со селекција од најдобрите филмови од предходните изданија на фестивалот на европски филм Синедејс. 

Полноќната модна ревија ќе се случува на скалите на влез во Градскиот трговски центар. Ќе бидат организирани натпреварите во Street ball, што ќе се одиграат на фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк. На истата локација веднаш потоа перформанс ќе одржат Паркоур & Freerun Challenge. Зоолошката градина организира бесплатно попладневно матине што ќе трае од 16 до 20 часот.

Манифестацијата е организирана од Младинскиот културен центар-Скопје, а е под покровителство на Град Скопје.

Oд 19 часот граѓаните ќе можат бесплатно да се  возат во автобусите со бр. 8 и бр. 15а на Јавното сообраќајно претпријатие кои сообраќаат кон централното градско подрачје. Бесплатни ќе бидат и сите настани што ќе бидат дел од ова 24-часовно културно дружење. 

05.10.2013 - 10:16

најчитано сега