Хрватска го смени законот што и беше спорен на ЕУ

 

Собранието во Хрватска  денеска ги усвои измените во Законот за судска соработка со земјите-членки на ЕУ. До овие измени дојде по заканите од страна на ЕУ за воведување на санкции на земјата.

„За“ измените на Законот гласаа 83 пратеници, 28 се изјаснија „против“, а осуммина беа „воздржани“.

Хрватска го усвои овој Закон непосредно пред нејзиното официјално членство во ЕУ на 1 јули оваа година. Во него спроведувањето на европските обврски за апсење беше ограничено само за случаи на злосторства извршени по 2002 година. Со таквиот закон од екстрадирање и судски гонење всушност беа заштитени обвинетите за извршени злосторства за време на војните во поранешна Југославија во 90-тите години на минатиот век, како и во периодот на СФРЈ.

Од денеска со усвоените измени отстрането е ограничувањето за спроведување на европските обврски кои ќе почнаат да се применуваат од 1 јануари 2014 година.

04.10.2013 - 15:52

најчитано сега