„Ние поправаме патниците пак кршат“ - ЈСП апелира да не се уништуваат автобусите и постојките
Од новопоставените 70 автобуски постојки низ Скопје, 10 веќе се оштетени. Искршени се стаклата, а на голем број од нив се испишани графити. Истовремено продолжува и вандализмот во новите автобуси каде има искршени столчиња, уништени штофови и делови од климите, информираше денеска директорот на Јавното сообраќајно претпријатие- Скопје Мишо Николов.
Тој на денешната прес-конференција апелираше до граѓаните да помогнат во одржување на новите автобуси и постојки, посочувајќи дека на постојките најмногу страдаат информативните табли и останатите информации за ЈСП- Скопје.
-Граѓаните треба да ни помогнат да ги одржуваме постојките. На нив има информативни панели со возен ред и разни информации и токму тие се посебен предмет на вандалистите, рече Николов.
Како што посочи Николов, ЈСП-Скопје постојано работи на обновување на уништените работи во автобусите, но не може да обнови толку колку што граѓаните можат да искршат. Тој смета дека за да обезбеди финансии неопходни за одржување на возниот парк и на автобуските постојки, потребно е граѓаните редовно да плаќаат билети при користење на јавниот градски превоз. Затоа, со кампања „Користи јавен превоз - плаќај билет“, која стартува утре, а ќе трае до Нова година, на граѓаните ќе им се укаже на санкциите со кои може да се соочат доколку бидат затекнати од контролорите без билет. Во таква ситуација, патникот кој се возел во автобус без да плати, може да купу дополнителен билет во износ од 300 денари или да се соочи со прекршочна постапка и глоба во износ од 50 евра и дополнителни трошоци за извршување.
Директорот на ЈСП-Скопје информираше дека најмногу страдаат автобусите со средношколци од мешан етнички состав, но, потенцираше, тоа не е секогаш правило. Според него, меѓу проблематичните се линиите со бр. „2“ и „55“.