Град Скопје: Општина Центар нелегално наплаќала паркинг во Дебар Маало
Градот Скопје ја информира јавноста дека денешната акција за отстранување на хоризонталната и вертикална сигнализација на паркинзите во Дебар Маало 1, со кои јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) тврди дека стопанисува, е во согласност со законите во Република Македонија и по барање на Министерството за внатрешни работи и дека не станува збор за никаква политичка пресметка. Сакаме да нагласиме дека Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ имаат валидна документација да стопанисуваат со сите паркиралишта што се во наша надлежност, што не е случај со претпријатието „Паркинзи на Општина Центар“.
Во таа насока, сакаме да појасниме дека уште на 15 јуни 2012 година до Градот Скопје пристигна барање од Министерството за внатрешни работи, инспекторите на Град Скопје да преземат мерки за надминување на констатираната неповолна состојба со хоризонталната и вертикална сигнализација за обележување на паркинзите на ПОЦ, која што е поставена без дозвола. Од МВР побараа да му се наложи на ПОЦ да ги врати јавните површини во првобитната состојба.
Инспекторите на Град Скопје извршија увид и на 27 ноември 2012 година донесоа решение со кое се задолжува ПОЦ во рок од 30 дена да ја извади потребната документација за легално функционирање на спорните паркиралишта. ПОЦ на 27 декември поднело барање во Градот Скопје за обезбедување на потребната документација и заради тоа претходната постапка од инспекцијата на Град Скопје е привремено запрена.
Поради тоа што ПОЦ во меѓувреме не обезбеди позитивно мислење од МВР за воспоставување паркиралишта на повеќе локации низ центарот на Градот, на 23 јули 2013 година до Градот Скопје пристигна ново барање од МВР да се преземат мерки за надминување на констатираната неповолна состојба со хоризонталната и вертикална сигнализација за обележување на паркинзите на ПОЦ. Во ова последно барање од МВР се нагласува и дека доколку Градот Скопје не ги преземе законските мерки за надминување на настанатата состојба ќе бидат принудени, во согласност со членот 76 од Законот за јавни патишта, да го известат Министерството за транспорт и врски да преземе мерки и да ја одземе надлежноста на инспекторите на Град Скопје.
Како одговор на ова барање на 14 август 2013 инспекторите на Град Скопје направија записник и издадоа решение на ПОЦ со кое се задолжува ова јавно претпријатие во рок од 30 дена да ја отстрани хоризонталната и вертикална сигнализација од посочните паркинзи, во спротивно Градот Скопје ќе го стори тоа на товар на ПОЦ.
На 17 септември 2013 година инспекторите на Град Скопје донесоа заклучок за дозвола за извршување, а ова известување е пратено до ПОЦ и примено на 18 септември 2013 година.
Во согласност со законските надлежности, екипи на Градот Скопје денеска излегоа на терен на спорните паркиралишта во Дебар Маало 1 и почнаа да ја отстрануваат хоризонталната и вертикална сигнализација. Акцијата ќе продолжи и на спорните паркиралишта во Дебар Маало 2, кај Буњаковец и во Капиштец
(Интегрален текст од писмено соопштени на Град Скопје)