Нови медицински стипендии за Ромите во Македонија

 

Фондацијата Отворено општество Македонија и во 2013/2014 учебна година, продолжува со реализација на Програмата за медицински стипендии за Роми преку активности во четири компоненти: финансиска поддршка (стипендија), менторство, обука за застапување и медиумска компонента. Реализацијата на оваа програма се одвива под мотото “Дипломата креира лидери – учи медицина“ и нејзина цел е да се зголеми бројот на Роми со завршено медицинско образование кои ќе придонесат за унапредување на пристапот до здравствените услуги за Ромите. Програмата на стипендистите им овозможува поддршка за постигнување на нивниот полн професионален потенцијал, развивање на нивните образовни можности преку стипендии, како и градење на лични вештини и нивно зајакнување за подобрување на здравствените услуги за ромската популација.

Програмата за Медицински стипендии за Роми е прва специјализирана програма наменета за поддршка на млади Роми - студенти на медицинските факултети и високи школи, ученици во средно медицинските стручни училишта, доктори специјализанти, како и доктори на последипломски студии. Во споредба со 2010 година, во 2013 година бројот на апликанти за стипендија се зголеми за 88% и бројот на доделени стипендии се зголеми за 47%.

 

Во изминатите три години се доделија вкупно 196 стипендии и се постигнаа резултати преку зголемување бројот на Роми кои се запишани на специјализација по медицина, потоа се зголеми бројот на студенти Роми кои студираат на медицинските универзитети како и бројот на ученици Роми запишани во средните медицински училишта низ Р. Македонија. Во рамките на проектот се подобри и квалитетот во успехот кај стипендистите преку менторска поддршка која ја дава овој проект, им се овозможи на медицинарите Роми се промовираат преку учество на симпозиуми, конференции и семинари од областа на медицината. Исто така преку овој проект се овозможи практична работа во медицински институции и други организации за 50 лица, се унапредија и подобрија јазичните и личните вештини кај стипендистите во областа на здравствените политики за Роми во Македонија, застапувањето за креирање на јавни политики, преговарање, презентациски и комуникациски вештини.

-Во учебната 2013/14 година поради намалени средства Програмата нема да опфати нови кандидати. Сега, повеќе од било кога ни е потребна финансиска поддршка за продолжување на програмата и да се обезбеди континуитет во реализацијата на нејзините четири компоненти, вели Ајсел Мемет, координаторка на програмата.

 

 

Програмата во Македонија се реализира од 2010 година и ја имплементира Фондацијата Отворено општество Македонија. Финансиските средства за оваа програма се обезбедени од Ромскиот образовен фонд и Програмата за Јавно Здравство при Фондациите отворено општество – Програма за здравјето на Ромите.

 

 

03.10.2013 - 11:28

најчитано сега