И Кисела Вода ќе се фати за работи и ќе чисти улици
На 5-ти Октомври ќе се одржи националната акција за чистење и развивање на свеста околу отпадот. Проектот има за цел да го исчисти отпадот кој се наоѓа на несоодветни места во околината, да развие свест кај граѓаните за правилно управување со отпадот и да развие механизми за поддршка на граѓаните, општините и други засегнати групи за подобро справување со неорганизираното и незаконско фрлање отпад. Во оваа акција активно ќе се вклучи и Општина Кисела Вода.
Од Кисела Вода информираат дека во периодот од 10:00 – 14:00 часот, вработените во Општина Кисела Вода, заедно со сезонските работници и граѓаните ќе ги чистат следните локации:
-
Локација Теферич (пешачка патека Теферич до Пржино – стар пат за Сопиште – збирно место: црквата кај Теферич и складот на Треска),
-
Локација трим-патека (во должина од околу 2,5 километри, збирно место: пред Општина Кисела Вода),
-
Локација пат Хемтекс (локален пат Пинтија – Горно Лисиче, збирно место: пумпната станица во Пинтија).
За сите учесници во акцијата ќе бидат обезбедени ракавици и пластични вреќи за отпад. Општина Кисела Вода апелира и ги охрабрува граѓаните активно да се вклучат во оваа акција и да се пријават на регистрациските пунктови каде ќе им се дадат инструкции за чистење, вреќи и ракавици.