Дебата „Името наспроти ЕУ и НАТО: Лажна дилема?“

 

Прашањето на идентитетот во контекст на спорот со Грција и евроатлантските интеграции на Македонија, беше централна тема на денешната дебата „Името наспроти ЕУ и НАТО: Лажна дилема?“ во организација на Институтот за политички и интеркултурни студии поддржан од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Професорот Владо Поповски посочи дека инсистирањето на грчката страна на „ерга омнес“ решение подразбира задирање во идентитетот на мнозинството граѓани и атрибутите на тој идентитет. - Замена е прифатлива со додавање на географска одредница во став 1 доколку е прифатлива за двете страни, но во став 2 мора да стои со тоа втората страна ги исполнила сите обврски во однос на Резолуцијата 817 со што би било дефинирано согласувањето, вели Попоски. 

Пратеничката Ермира Мехмети оцени дека РМ по Рамковниот договор доброволно прифати да се откаже од концептот на држава нација и се одлучи за моделот на цивилен устав базиран на вредности што денес ги промовира Европа, а тоа е демократија на мултикултурализмот.

- Тука треба да се бара базата на аргументите зошто албанска политичка партија како што е ДУИ има преземено една политичка акција, односно дипломатска офанзива за да се промовираат ставовите и интересите и итноста на разрешувањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Ова ангажирање зборува за една нова вредност на концептот на политичката активност на Албанците во Македонија, на теми кои не се ориентирани кон етничките прашања, значи надвор од корпусот на национални прашања за да се биде актер и партнер во еден многу сериозен и загрижувачки спор за сите граѓани на еднаков начин, рече Ахмети.

Според амбасадорот Ристо Никовски, не треба да има дилеми дека од 1991 година кога беше отворено прашањето за името, целта не беше името на државата туку идентитетот на народот, а носител на тој проект не е Грција туку САД. Дипломатската иницијатива на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, додаде, создава дисонанца околу пристапот на Македонија и е погубна и штетна за државата. 

- Да се соочиме со вистината и да ги отвориме картите до крај. На тој големоалбански концепт, кој веќе со втората албанска држава Косово е 70 проценти остварен, остана само Македонија и на тие албански лидери и политички фактори кои работат во таа насока, ние доаѓаме до ситуација кога е јасно дека на албанските интереси им одговара прекрстување на Македонците, бидејќи со тоа се отвораат сите простори за целосно реализирање на големоалбанскиот проект. Ситуацијата е крајно загрижувачка, а дилемата е апсолутно лажна дека ако одиме во ЕУ со жртвување на името ќе ги решиме проблемите. Напротив, ако го сториме тоа почнуваат голготите во оваа држава. Сите апети и во земјата за албанизирање и од страна на соседните земји кои имаат отворени историски аспирации кон оваа држава ќе дојдат до израз и тоа ќе биде нова балканска војна, рече Никовски.

Професорот Стево Пендаровски смета дека прашањето за името не може да се реши без надворешна интервенција, но можно е Македонците и Албанците без странците да седнат и да се договорат што е државата Република Македонија, што е нејзиниот супстрат, што е нацијата, односно народот македонски. -  Во една екстремна варијанта Македонија може да преживее и без ЕУ и без НАТО, но не може да преживее без меѓуетнички консензус, за тоа во каква Република Македонија сакаме да живееме и конечно, што воопшто не држи да живееме заедно во иста држава, рече Пендаровски.

 

02.10.2013 - 15:47

најчитано сега