Добротворен мировен самит во рамки на Сахара Балканскиот мировен фестивал

 

Вчера започна Сахара Балканскиот мировен фестивал на плоштадот "Македонија". Настапот започна со перформанс на танчери од студиото на Шајмак Давар од Индија и од Македонија.

- Мирот е вредност кон која отсекогаш се стремеле прогресивните сили на човештвото. Складноста, балансот и хармонијата се негови главни одлики кои претставуваат двигател на развојот и благостсојбата на општеството, како и предуслов за среќа на секој поединец, истакна премиерот Никола Груевски, прогласувајќи го Балканскиот мировен фестивал за отворен.

Состојбата на мир гледано од историска перспектива е реткост, додаде, а тогаш кога е присутен може да се карактеризира како кратко интермецо меѓу две војни.

- За жал, конфликтите, непријателствата, страдањата и насилството се секојдневие во поголемиот дел од светот дури и во 21. век. Речиси нема држава која повеќе или помалку не чувствува предизвици и закани по мирот, а губењето човечки животи во вооружени судири се уште е секојдневие. И граѓаните на Македонија и нашите претци, за жал, имале прилика да ги почувствуваат последиците од отсуството на мирот, нагласи Груевски.

Македонија, потсети, учествувала и учествува во повеќе мировни мисии, востанови Светска конференција на меѓуверски и меѓуцивилизациски дијалог и поддржува разлчични манифестации кои прокламираат мир, сожителство и меѓусебно разбирање.

- Нашата местоположба, во срцето на Балканот, нашето минато, но и аманетот што ни го остави нобеловката Мајка Тереза, една од симболите на мирот, не обврзуваат силно да ги шириме и пропагираме овие вредности колку што можеме повеќе и подалеку, подвлече премиерот.

Балканскиот мировен фестивал го поздрави и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, а освен него, на отворањето присуствуваа и пратеници, министри во Владата, како и вицепремиерите Владимир Пешевски и Зоран Ставрески.

Денеска во рамки на фестивалот ќе биде одржан добротворен мировен самит. Организаторите најавуваат присуство на педесетина светски лидери-поранешни претседатели, премиери, министри, амбасадори, холивудски ѕвезди и претставници од балканските земји. Меѓу говорниците ќе биде и поранешниот британски премиер Тони Блер.

Фестивалот е спонзориран од Сахара групацијата, под покровителство на Владата на Република Македонија.

02.10.2013 - 09:09
Фото: 
МИА

најчитано сега