Му го изгребале автомобилот на Драгиша Милетиќ - сега на вработените во Собрание паркирањето им е забрането

Вработените во Собранието веќе не можат да го користат паркингот позади Собрание. Од почетокот на неделава тие мака мачат каде да ги паркираат нивните возила, бидејќи на собранискиот паркинг сега е дозволено да се паркираат само пратеници, пишува Вечер. Извори на весникот од Собранието за Вечер откриваат дека проблемот неофицијално настанал, откако на пратеникот Драгиша Милетиќ од Српската напредна странка во понеделникот му било изгребено возилото, по што била донесена одлука собраниските служби веќе да не го користат тој паркинг. Вработените се револтирани од одлуката, велат секое утро ги вртат сите улици за да обезбедат паркинг, особено во ситуација кога скоро 30% од вработените во законодавниот дом доаѓаат од околните општини. Револтот кај собраниските служби дополнително е зголемен од фактот што пратениците ја користат привилегијата и го преплавија паркингот позади Дом на АРМ, а во истовреме, добиваат и картички за бесплатно користење на паркингот кај хотелот "Холидеј ин".

За да се решат проблемите од ваков карактер, Министерството за транспорт пред околу една година објави продажба на градежно земјиште за изградба на паркинг-простор со подземни нивоа, во близина на Собранието.

01.10.2013 - 23:33
Фото: 
Вечер

најчитано сега