Идејното решение за плажи на Преспанско и Дојранско Езеро ќе се избира по електронски пат

Девет идејни решенија, од кои четири за плажи на Преспанското Езеро и пет за плажи на Дојранското Езеро пристигнаа на конкурсот за изработка на идејно архитектонско - урбанистички решенија за уредување плажи на езерата, објавен од Министерството за транспорт и врски во август годинава.

Со конкурсот се опфатени локациите на Дојранското Езеро: „Граница Николиќ“, со должина од 100 метри „Калдрма“ – 200 метри, „Карач“ – 100 метри, плажа кај одмаралиште „Титови Пионери“ - 150, „Стара Мрдаја“ – 400 метри и плажите бр. 7,8,9 и 10 во централното градско подрачје со вкупна должина од 400 метри. На Преспанско Езеро, конкурсот се однесува на локациите: „Крани“ со должина од 500 метри, „Отешево“ – 100 метри, „Коњско“ – 200 метри, „Сливница“ – 100 метри и „Претор“ во централното подрачје со должина од 500 метри.

Предвидено е на плажите да има планирана песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали.

Откако ќе се изберат идејните решенија ќе се пристапи кон изработка на основните проекти, а потоа ќе се спроведе постапка за издавање на плажите на управување и ќе се дефинираат деталите на колку време ќе се издаваат под закуп и кои ќе бидат условите за идните концесионери. 

- Изработките на идејно архитектонско - урбанистички решенија за уредување на плажите на Дојранското Езеро и Преспанското Езеро претставуваат основа за натамошно уредување согласно современите туристички стандарди, како би можеле во текот на туристичката сезона да бидат подготвени сите предуслови за пречек на туристите, велат од Министерството за транспорт и врски.

01.10.2013 - 16:08

најчитано сега