Честитка од претседателот Иванов по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Претседателот Ѓорге Иванов на припадниците на бошњачката етничка заедница во Македонија им го честита Меѓународниот ден на Бошњаците-28 Септември.

- Република Македонија, како свој врвен приоритет го има поставено негувањето и почитувањето на различностите и претставува пример за највисоки стандарди во заштитата на културниот, етничкиот, јазичниот и верскиот идентитет на сите нејзини граѓани. Без присуството на граѓаните од бошњачка националност нашата земја ќе беше посиромашна за една специфична традиција и светоглед, која значајно ја збогатува нејзината мултикултурност, се вели во честитката од претседателот Иванов.

Бошњачката заедница, како што истакнува претседателот Иванов,  искрено го дава својот придонес во сите сфери на општествениот и културниот живот во нашата земја.

- Ве уверувам дека и во иднина сите државни институции, но и секој поединец ќе остане посветен на натамошна промоција на бошњачката култура и традиција и во создавањето услови за поквалитетен и попросперитетен живот на сите наши граѓани, нагласува Иванов во честитката.

27.09.2013 - 13:06

најчитано сега