Ограбувале хотели, трафики, билетари и работилници - млади скопјани краделе што им дошло при рака
Неколку скопјани си заработија кривични пријави бидејќи краделе што им дојде при рака на повеќе локации во Скопје.
Се работи за 19-годишниот М.М. 18-годишниот Б.Х. и 18-годишниот А.С. кои работеле со помош на 32-годишниот Д.Д. од Скопје и 24-годишниот А.А. од Тетово кои успешно ги прикривале, и така се стекнале со 312.460 денари.
12 од кривичните дела биле извршени од 11 јули до 19 август годинава претежно во ноќните часови, во објекти на неколку улици околу Бит-пазар („Христијан Тодоровски-Карпош“, „Лазар Танев“, „Решат Џафер“, „Градиште“, „Џон Кенеди“, „Евлија Челебија“, „Цветан Димов“ и булеварот „Крсте Мисирков“).
Од 12-те кривични дела во тој реон, четири се тешки кражби во продавници, три во трафики, две во угостителски објекти, две тешки кражби во обид во останати објекти (работилница, билетара) и една кражба во хотел.
- Од продавниците и тобако-киосците сторителите претежно одземале разни видови цигари, алкохолни и безалкохолни пијалаци, чоколади, грицки, СИМ-картички, пари..., а пак во кражбата од хотел „Султан“ од рецепцијата, додека немало никој, одзеле лаптоп и 16 мобилни телефони, соопшти МВР.
Четири кривични дела сторителите ги извршиле на територијата на општина Чаир, на улиците „Босна и Херцеговина“, „Црвени брегови“ и „Бетовенова“.
- Пријавените најчесто со прескокнување на терасата и со употреба на погоден предмет - хебла делувале помеѓу рамката и крилото од балконската врата по што влегувале внатре во домовите, вршеле пребарување и претурање. При кражбите од становите и куќите одзеле телевизор, компјутер марка ХП, рачен часовник „Касио“, бижутерија и пари, информира МВР.