Почнува Младиот отворен театар - погледнете што им нуди фестивалот на скопјани

 

Вечерва во Македонската опера и балет почнува 38. Меѓународен театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ). Почетокот на Младиот отворен театар ќе го означи претставата „Тоа што телото не го памети“ во режија, сценографија и кореографија на Вим Вандекејбус. Оваа претстава е една од најзначајните претстави на белигиската театарската група „Ултима вез“ оригинално создадена во 1987 година и премиерно изведена во Њујорк.

Дел од отворањето на МОТ е и првата театарска премиера „Носталгиумот на еден перфориран копиљ“ („Пу за мене, пу за сите“) во режија на Јане Спасиќ, која ќе се изведе во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 22:30 часот.

Мотото на годинашниот фестивал е „Театар на црвена линија“. Публиката во осум фестивалски вечери ќе може да погледне 15 претстави, а ќе гостуваат театри од Македонија, Белгија, Италија, Турција, Србија, Бугарија, Словенија и Хрватска. Дел од програмата се и претставите „Ноќна пеперутка“ на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија, „Прст“, копродукција на Хартефакт и Битеф театар, најдолагата претстава -„Галеб“ на Српско народно позориште, „Жолта линија“ на Загребачко казалиште младих... Премиерно ќе биде изведена и претставата „Малечката“ на Театарот од Истанбул.

Во текот на осумте фестивалски вечери ќе настапат и Народниот театар од Битола, Театарот од Куманово, Независниот алтернативен театар „Вондерленд“, студенти од ФДУ, од Скопје танцова академија и академијата ЕСРА.

Дел од годинашниов МОТ се работилницата за драмско пишување под водство на проф. Жанина Мирчевска, работилница за танц што ја води проф. Рисима Рисимкин, промоција на книгата „Седум драми од БиХ“, чиј приредувач и преведувач е Лилјана Мазова. Програмата е збогатена и со одбележување на 40-годишниот јубилеј на актерот Бајруш Мјаку со претставата „Народен непријател“ во режија на Дино Мустафиќ.

Градот Скопје оваа година одвои 1,5 милиони денари за реализација на овој фестивал, а Министерството за култура 4,5 милиони денари. Претставите ќе се играат на сцените на Младинскиот културен центар, Македонската опера и балет и Македонскиот народен театар. 

19.09.2013 - 09:22

најчитано сега