Самсоненко: Македонија ми е како моја земја и немам притисок, продолжувам со инвестиции во Вардар
Често е тивок и не се појавува пред медиумите, но овој пат, Самсоненко реши да го прифати барањето за интервју на Gol.mk и отворено даде одговор на сите прашања поврзани со неговата иднина, РК Вардар, ЖРК Вардар, ФК Вардар, управата, клупската инфраструктура, буџетите и шпекулациите кои кружат во јавноста.
Високите дострели комплетно ја променија спортската клупска реалност во Македонија, а ништо од тоа немаше да биде возможно без Сергеј Самсоненко, рускиот бизнисмен кој речиси пет години несебично инвестира во „црвено-црното“ семејство.
Во прилог следи првиот дел од интевјуто за „Гол.мк“ додека вторниот дел ќе биде објавен во четврток.
Во Македонија живеете од 2006 година. Се чувствувате ли исто како и кога дојдовте?
За шест месеци, ќе навршам 12 години како сум во Македонија. Се чувствувам многу добро во оваа земја, таа е навистина убава и ја чувствувам како моја. Има добри луѓе. Некогаш има меѓу луѓето проблеми и љубомора која е беспотребна, но генерално – луѓето се многу добри и слични по карактер и менталитет со луѓето во Русија. Тоа е главната причина зошто сум тука, а не на друго место.
Инвестирате пет години во целиот спорт. За толку кратко време успеавте да направите европски шампион во машкиот ракомет, вицешампион во женскиот и фудбалски учесник во Лига Европа.
Клучот на успехот во вардаровото семејство е многу работа и посветеност. Секако, тука е и спортската среќа која секому му е потребна. Во женскиот ракомет и во машкиот ракомет и во фудбалот направивме големи успеси. Можеби изгледа дека во женскиот ракомет проектот завршува без успех затоа што нема злато, но тоа е погрешна слика. ЖРК Вардар досега не бил на врвот на Европа, но од првата година константно сме на Ф4. Од основањето, па сѐ до крајот. Ние сме единствена екипа од цела Европа на која ѝ успеало тоа. Рамо до рамо со нас беше Будуќност, кој четири пати по ред играше на Ф4, но сега само Вардар е со такво достигнување. Тешко е да се остварат големи резултати, посебно во машкиот ракомет, каде е поголема конкуренцијата. Но, ете, ние успеавме да донесеме европско злато, европско сребро, европска бронза и да бидеме првиот тим кој играл во групната фаза на натпреварување на УЕФА.
Кога влеговте да инвестирате во Вардар, дали беа кај вас поставени овие очекувања? Се очекуваше ли за пет години да се дојде до спортски успех каков што во Македонија досега немало?
Секогаш имавме и сѐ уште имаме највисоки очекувања. На пример, во фудбалот јас сакав да ја освоиме Лига Европа, но тоа е нереално ако сме искрени. На секој меч секогаш сакаме да победуваме, во сите колективи. Без исклучок за кого и каде се работи.
Многу контроверзии го пратат Вардар – доцнење на плати, судски спорови, несогласувања, заминувања на играчи поради незадоволство... Вистина или зли јазици?
Ние две години доцниме со плата во сите екипи. Но, секогаш сѐ е исплатено. Доцниме со плата затоа што мене ми е тешко да издржам. За скоро шест години, јас не сум добил никаква помош од државата. Мала помош имаше од спонзорите, благодарност до нив, но тоа е многу мала сума за ваков голем проект. Во изминативе две години јас веќе користам и кредити, продавам мој имот, што можеби не е нормално, но правам сѐ за да ги исплатам сите што се обврзале на соработка со нас. Јас не се кријам од тоа. Можам да кажам дека ниеден спортист не си заминал неисплатен. И нема да остане никој неисплатен. Јас нема да бидам должен никому. Имам респект кон моите играчи кои исто така се коректни и имаат разбирање. Некогаш секако дека постои нервоза поради ситауциите, но секогаш играчите го добиваат она што им следува. Никогаш немало лоша струја меѓу нас. Се има разбирање од двете страни. Лошо е кога се доцни, но тешко е да се одржуваат многу инвестиции, кога немаш повратни средства од истите.
Какво е финансиското салдо, колку доби Вардар од изминатата година која беше најуспешна?
Оваа година единствено сме на „нула“, или евентуално мал плус во фудбалот, ако добиеме еден случај поради кој сме на суд. И тоа не зборувам за трошоците за инфраструктурата, туку за тековните трошоци. За случајот Балотели сме на суд. Не сакавме да си оди, но тој побара и го ослободивме. А, на крај останавме и без играч и без пари – 500.000 евра. Исто така, жалам и за Спировски. Но, кога играч веќе не сака да остане во Вардар, логично е да го ослободиме. Добивме премногу мала сума за него, а тој е одличен играч. И тоа важи не само со него, туку и за секој друг играч. Кај нас, за нешто повеќе од четири години што сум во Вардар, сите играчи што заминаа – не сме сакале да ги ослободиме така лесно. И присилно не сме избркале никого.
Каква е вашата иднина во Македонија?
Јас и претходно кажав дека ќе се бориме докрај и во лошо и во добро и ќе се трудиме да останеме како клуб во сите сегменти. Единствена промена ќе претрпи само женскиот ракометен тим. Женскиот ракомет не е толку популарен како машкиот. И покрај се, јас ќе продолжам да се борам. И да инвестирам во Вардар. Засега немам никакви други планови.
Трпите ли притисок и надворешни влијанија во работата?
Глупости се зборувањата за притисок кон мене во Македонија. Муабетот и сите пишувања не држат вода. Се работи за апсолутна глупост. Имаше многу пишувања и текстови поврзани со моето име, ама немам коментар затоа што не знам што да кажам на такви пишувања кои на крај времето ги побива. Сето тоа беше поради политичките турбуленции и промени, се пишуваше сѐ и сешто. Но, едноставно, тоа не држи вода.
Колкав ќе биде буџетот на Вардар наредната сезона? Изминатата сезона се инвестираа 11 до 12 милиони за сите три клуба, каков е финансискиот план без ЖРК Вардар?
Парите од ЖРК Вардар нема да се одлеваат во другите два клуба. Фудбалот ќе биде со скоро ист буџет, а машкиот ракометен клуб ќе има мало намалување во буџетот, пред сѐ затоа што ќе дојдат нови играчи. Разликата во буџетот во однос на лани ќе биде 10-15%. Веројатно околу седум до осум милиони евра ќе одат во Вардар. Но, точно ќе знаеме по пресметките, кога ќе формираме комплетни екипи, односно кога ќе се договориме за продолжување на соработка со актуелните, како и кога ќе донесеме нови играчи и во фудбалот и во ракометот.
Во јавноста проструија информации за ваше инвестирање во Русија. Поточно, во родниот град Ростов на Дон, каде се најави формирање на ракометни клубови во машка и женска конкуренција и изградба на нова арена. Има ли вистина во тоа?
Навистина некоректно е воопшто да зборуваме за оваа тема, затоа што написите се невистинити. Сплетки постојат секогаш и во нашите, но и во новинарските кругови. Таму се уште поголеми во оваа ера на интернетот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа