Почнува судењето за киднапираното девојче Александра
Денеска во Кривичниот суд во Скопје ќе започне судскиот процес против пензионираниот судија, Александар Бошњаковски кој се товари за киднапирање на својата внука Александра Бошњаковска.
Откако Бошњаковски ја криел две години, Александра беше пронајдена пред една недела во такси- возило кај Маврови Анови. Со неа во возилото била и сопругата на пензионираниот судија, бабата Снежана. Кривични пријави си заработија дедото, бабата, таткото и чичкото на малото девојче. Тие се осомничени дека го грабнале девојчето од нејзината мајка Татјана, и ја криеле од неа две години иако нејзе и припаднало старателството врз девојчето.
Според полицијата, во јули 2011 година, додека Татјана Бошњаковска, екс сопругата на Стефан, била во Србија со нивната ќерка Александра, дошле таткото на Стефан, Александар, и неговиот брат Мартин и насилно, заканувајќи и се по живот и ја одзеле ќерката и ја донеле во Македонија.
Пред да биде приведен, поранешниот судија изјавуваше дека ја криел својата внука за да и обезбеди подобра иднина.