Македонија и Косово ќе се пресметаат на ТВ дуел?
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска ја повика вицепремиерката и министерка за трговија и индустрија на Косово, Мимоза Кусари Лила на заеднички тв дуел на кој ќе ги соочат аргументите во интерес на вистината и надминување на новонастанатата ситуација меѓу двете држави.
- И јас и Вие сме сведоци на една прилично непријатна ситуација во која се најдоа нашите држави во текот на последните неколку дена. Во јавноста во двете земји кружат различни информации и постојат многу различни мислења околу мотивите, причините, фактите и аргументите врз кои се базира актуелната ситуација. Тоа предизвикува забуна и не придонесува за надминување на состојбите. Мислам дека на граѓаните им ја должиме вистината. Затоа Ве поканувам и повикувам на заеднички телевизиски настап, уште денес, каде што пред очите на јавноста ќе може да ги презентирам нашите аргументи, а граѓаните да извлечат заклучок. Тој телевизиски заеднички настап може да биде на Алсат телевизија, или на телевизија која Вие ќе ја посочите, а зрачи и во двете држави, вели Пешевски во писмото упатено до неговата колешка.
Тој смета дека ситуацијата заслужува транспарентност и верува дека нивниот разговор пред јавноста ќе придонесе за надминување на сегашната ситуација и ќе помогне во иднина да се спречат вакви слични проблеми.