Од денеска скопјани на нозе и на пиво - почнува скопскиот „Пиволенд“

 

Од денеска почнува скопскиот „Пиволенд 2013“, кој ќе трае до 15. септември на скопското Кале. Посетителите на годинешниот, шести по ред фестивал ќе може да уживаат во 40 видови домашно и странско пиво и одлична музика.

Фестивалот и оваа година е во организација на компанијата „Темов“, а под покровителство на Градот Скопје. Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски на прес-конференција ги покани сите граѓани на Скопје, но и граѓаните на другите градови во државата, да го посетат Пиволенд 2013.
 
- Сите љубители на пивото на овогодинашниот фестивал ќе можат да дегустираат околу 40 видови пиво, домашни и странски, како и да уживаат во големиот избор македонска традиционална храна од десет различни ресторани. Оваа година фестивалот ќе има четири стејџа со различен тип на музика, и тоа: главниот стејџ, ДЈ стејџот и кавер бенд стејџот, истакна градоначалникот Трајановски.
 
На четвртата сцена, која ќе биде во надлежност на радио МОФ, ќе настапат алтернативни музичари и ДЈ-и од Македонија и ќе биде одлично надополнување на веќе најавената музичка програма.
 
Организаторот на манифестацијата, Пане Темов потенцираше дека  покрај германски, чешки и белгиски пива, годинава првпат ќе може да се дегустираат и пива од Англија.
 
- Фестивалот на пивото, Пиволенд, годинава на барање на посетителите се пресели повторно на Скопското кале, а како и секоја година до сега така и оваа акцентот го става на македонските пива, македонската храна и македонската музика. Првпат оваа година пивопијците ќе можат да дегустираат девет видови пиво од Англија, меѓу кои е и официјалното пиво на мега популарната група Iron Maden, рече Темов.
 
Во петте фестивалски денови ќе можат да се проследат најголемите домашни ѕвезди како Тамара Тодевска, ДНК, Тони Китановски и Васил Хаџиманов, Нокаут, Визија, најдобрите македонските ДЈи: Гоце (саф), Славе, Мирко Попов, Ајсберг, Роботек, Лефанк, Гејм овер и Чваре, како и најдобрите наши кавер изведувачи меѓу кои Бени нон стоп, Ај Кју, Пеперминт Босса нова, Лабаво Лавабо и многу други.
 
Посетителите ќе можат да ги проследат и настапите на регионалните ѕвезди-Електрични оргазам, Едо Маајка, Постолар Трипер и Викеда. 
 
Влезот на фестивалот е бесплатен. Цените на пивата ќе се движат од 40 денари за македонско пиво во чаша  од 0,4л, лименка од 0,5л-50 денари, додека најскапите и ексклузивни странски брендови пиво ќе чинат околу 200 денари. Препораката од организаторите до посетителите на Пиволенд 2013 е „да ги одморат“ своите возила и да дојдат со градски превоз, пеш или со велосипед, да конзумираат одговорно и да уживаат во вкусот на различните пива, храна и добрата музика. 
11.09.2013 - 10:12

најчитано сега