Селими: Да се стави крај на трговскиот спор меѓу Косово и Македонија
Петрит Селими човекот кој ја извршува функцијата заменик министер за надворешни работи на Косово, јавно проговори за да се стави крај на трговскиот спор меѓу неговата земја и Македонија и што побрзо повторно воспоставување на слободната трговија меѓу двете земји.
- Навистина, навистина се надевам дека ќе направиме неколку чекори назад, да се вратиме на првиот чекор и да решиме да ја почитуваме слободата на трговија и слободата на движење на луѓе и да продолжиме да бидеме добри соседи и пример за многу други балкански земји кои војуваа меѓу себе. Со Македонија, освен етничките тензии од време на време кои се поттикнати од националисти во двете земји, навистина се трудиме да бидеме што е можно повеќе поврзани, изјави Селими, кој зборуваше во универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.
Тој пред американската публика накусо го претстави трговскиот спор, објаснувајќи дека Косово решило да воведе ембарго за дел од македонските производи поради македонската одлука со која се оневозможува увоз на косовско жито и брашно на Македонија. Потоа Македонија донела одлука за воведување такса за влез на косовските државјани, за на крај Косово да воведе целосно ембарго за македонските производи.
- Македонија е наш најголем трговски и не само трговски партнер. Со Македонија имаме најголем број потпишани билатерални договори, повеќе дури и од за нас братската Албанија или пријателската САД или Турција, во образование, трговија, економија... Трговскиот дефицит кон Македонија ни е 90 проценти. Значи, за секои девет евра кои ние ги трошиме во Македонија, Македонците трошат едно на Косово, изјави Селими.
Косовскиот заменик министер воедно се пожали дека и самиот морал да ја плати давачката за влез во Македонија, за да може да лета од Скопје кон Вашингтон.