Трки во Вашингтон, Њујорк и Ен Арбор по повод Денот на независноста

 

Неколку стотици учесници се очекуваат на трите трки кои денеска се одржуваат во американските градови Вашингтон, Њујорк и во Ен Арбор во близината на Детроит, во чест на 8 септември, Денот на независноста на Македонија.

Трката, позната како Ајвар 5К, јави дописникот на МИА, се одржува по вторпат, откако минатата година се трчаше само во Вашингтон.

Учесниците и спонзорите на трките собираат донации за хуманитарни потреби – од минатогодишната трка беа донирани 25 кревети и училишни материјали за децата од домот „11 Октомври“ во Скопје, а годинава, освен за овој дом, предвидено е помошта да се упати и за Домот за доенчиња и мали деца во Битола.

Во Вашингтон ќе се трча во паркот Блумонт, учесниците во Њујорк се собираат во паркот Асторија во Квинс, додека трката во Ен Арбор ќе се организира во паркот Фулер.

Повеќе десетици учесници се пријавени во секоја од трите трки, повеќето од нив Македонци, но и многумина Американци и учесници од разни држави.

Трките ги организираат Обединетата македонска дијаспора, волонтерската организација Ајвар и Македонско-американската студентска асоцијација од Универзитетот на Мичиген.

- Трката Ајвар 5К е врвен настан за Македонците и за пријателите на Македонија во чест на Денот на независноста. Вашингтон ја почна оваа традиција и пресреќни сме што и Њујорк и Ен Арбор се приклучуваат оваа година. Се надевам догодина да имаме повеќе градови, како Чикаго, Торонто, Скопје, па и град во Австралија, вели Мето Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора.

08.09.2013 - 10:37
Фото: 
Комуникација

најчитано сега