Бојоски: Водата во Тетово е исправна - „Коњското влакно“ е изолиран случај

Појавата на паразитот коњско или живо влакно во водата за пиење на објектот на улица „Прохор Пчински“ број 67 во Тетово е изолиран случај најверојатно поради користење и на други алтернативни извори на вода од планината, изјави денеска техничкиот директор на Јавното комунално претпријатие Тетово, Борче Бојоски.

Бојоски појасни дека објектот е приклучен на градската водоводна мрежа и се наоѓа спроти православните гробишта во Тетово на едно од повисоките места во градот каде живеат повеќе сиромашни семејства. Тука нема постојано снабдување со вода поради недостигот и нерационалното користење на водата за пиење.

Според информации од Јавното комунално претпријатие Тетово над споменатото место има голем број дивоизградени објекти кои нелегално се приклучени на водоводот, но кои истовремено користат и други извори на вода од планината.

Водата во градскиот водовод е хигиенски и здравствено исправна за пиење и која постојано се контролира од Центарот за јавно здравје во Тетово тврдат од ЈКП Тетово.

- Ваков случај нема појавено од никој друг корисник од градскиот водовод, од ниедно друго лице освен од овој случај и малку е симптоматично бидејќи овој случај не е пријавен во претпријатието, туку прво се известени медиумите, а не знам дали е пријавен и на други места, изјави Бојоски.

Од ЈКП рекоа и дека веднаш откако дознале за случајот презеле заштитни технички мерки со вградување неповратен вентил со кој се спречува навлегување на водите од други извори во градскиот водовод.

04.09.2013 - 14:12

најчитано сега