Средба Вељановски-Кинсела: Канада со поддршка за членство во НАТО и уставното име

Македонија и Канада се пријателски земји со добри политички билатерални односи кои можат да се унапредуваат во парламентарната и економската сфера. Добрите односи се отсликуваат преку постојаната поддршка на Канада за членство на Македонија во НАТО и признавањетo под уставното име.

Ова е оценката на претседателот на Сенатот на Канада Ноел Кинсела и претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски по нивната денешна средба во Скопје.

- Многу ја цениме поддршката што ја добиваме од Македонија во контекст на пркилучувањето на Америка и Канада во договорот за слободна трговија со Европската заедница. Канада е благодарна и на сите генерации Македонци кои дошле таму и помогнале таа да се изгради во земја каква што е денес, истакна Кинсела.

Тој додаде дека на денешната средба станало збор за Групата за македонско-канадско пријателство која е формирана во канадскиот Парламент и која, како што рече, е добро средство за унапредување на билатералната соработка на двете земји.

- Едно од поголемите достигнувања на парламентарната демократија е што таа им овозможува на парламентарците во Канада да ја разберат состојбата и начинот на живот преку очите на самите жители. Ние учиме многу преку соработката и добрите односи што ги имаме со колегите од Македонија. Тоа ни овозможува и да ја унапредуваме соработката и да ги согледаме економските можности, истакна Кинсела.

На средбата со неговиот колега Вељаноски разговарале и за можностите за овозможување поголема мобилност преку олеснување на визниот режим.

- Разговаравме за многу прашања вклучувајќи го и визниот режим, за олеснување на добивањето визи и полека и за нивно укинување, но и други прашања кои се од големо значење за бизнис-заедницата и за граѓаните. Одличните политички односи меѓу двете земји треба да дадат придонес и за обичните граѓани, истакна по средбата претседателот на македонското Собрание, Вељаноски.

Кинсела денеска имаше и обраќање пред македонските пратеници, а во рамки на неговата посета предвидени ќе има средба и со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска и со лидерите на петте верски заедници.

04.09.2013 - 12:19

најчитано сега