Изгубија со 60 коша разлика: Фијаско на македонските кошаркарки во Италија
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија претрпе тежок пораз од 93-33 на гостувањето против Италија во квалификациите за пласман на Европското првенство 2019 година.
Италијанките доминираа на теренот уште од почетокот на натпреварот, а фијаското го најави фактот дека на Македонија ѝ беа потребни осум минути да ги постигне првите поени, по серијата од 21-0 на домаќинот.
Двоцифрената бројка „црвено-жолтите“ ја минаа дури во третата четвртина во која реализираа 11 поени.
Ниту една македонска репрезентативка не стигна до двоцифрен учинок, а најефикасна беше Митрашиновиќ со девет поени, пред Кметовска, Лазареска, Тантуровска и Парис со по четири поени.
За избраничките на селекторот, Марјан Лазовски, ова е четврти пораз во евроквалификациите, по првите две средби со Италија дома и Шведска на гостински терен и дебаклот против Хрватска од 47-108 во Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа