Летото донесе 32.000 граѓани на пунктовите за бесплатни прегледи

 

 Кај 418 граѓани на кои им бил измерен крвниот притисок и пулс имало остапување од референтните вредности и веднаш биле упатени кај нивниот матичен лекар, а 42 кои биле детектирани како итни случаи биле упатени во дежурните служби каде добиле соодветен третман. Ова се дел од резултатите од летната акција за превентивни бесплатни прегледи за заштита од топлотен бран, организирана со поддршка на Здравствен дом-Скопје, здравствените домови во државата и Министерството за здравство. Во Македонија над 32.000 граѓани, од кои 12.200 во Скопје, се јавиле на пунктовите за бесплатни прегледи. 

Раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство, Јованка Костовска, денеска на прес-конференција рече дека целта на акцијата која се одржа втора година по ред и која заврши на 1 септември, била давање совети на граѓаните за заштита на нивното здравје, како и за превенција на здравјето од штетните ефекти на топлото време.

- На овие прегледи граѓаните најчесто барале совети за зачувување на нивното здравје и за проблемите кои ги имаат, а не само за превенција од топлото време. Кај поголем дел од граѓаните (околу пет отсто од нив) најдени се отстапувања во вредностите на крвниот притисок и веднаш се упатени кај нивните матични лекари за дополнително лекување или совети, посочи Костовска.

Резултатите од акцијата, истакна таа, покажуваат дека во цела држава многу помалку има повици во Итната медицинска помош за време на топлотниот бран, многу помалку случаи со изливи и инфаркти како резултат на топлото време.

- Со овие акции констатиравме дека граѓаните навистина почнаа да ги почитуваат мерките за заштита на своето здравје, за заштита од штетните последици на топлотните бранови, не излегуваат во тие периоди и редовно земаат терапија. Се утврди дека превентивните бесплатни прегледи се од голема корист, граѓаните се заинтересирани за нив, бидејќи на исто место добиваат преглед и совет за здравјето, добиваат и брошури за превенција од топлотни бранови. Вакви прегледи ќе има и во иднина. Имаме бесплатни прегледи од Програмата Здравје за сите, рече Костовска.

Додаде дека оваа година за разлика од минатата, акцијата се одвиваше низ целата држава, во сите 33 здравствени домови во 33 градови од 18 до 21 часот.

Директорката на Здравствен дом-Скопје, Тања Баевска-Вучковиќ на прес-конференцијата рече оваа година исто како и лани имале три пункта на територија на град Скопје од кои едниот бил статичен на Кејот на Вардар, а останатите два биле распределени по општините со предвидена динамика кои ротирале на секои пет дена.

- Оваа година имавме и поголем број граѓани кои пристапија на овие пунктови. Вкупниот број е 12.200 од кои кај 7.119 е измерен крвниот притисок и пулс, а 5.057 граѓани пристапиле само за подигнување на промотивен материјал во форма на брошури. Кај оние кај кои е мерен крвен притисок и пулс остапување од референтните вредности имало кај 418 лица, кои веднаш биле упатени кај нивниот матичен лекар, а 42 биле детектирани како итни случаи и беа упатени во дежурните служби каде добија соодветен третман, рече Баевска-Вучковиќ.

Таа додаде дека заклучок од овие акции кои ги спроведовме и оваа година на територија на град Скопје е дека успеавме навистина да ја подигнеме свеста кај граѓаните за заштита на нивното здравје со тоа што ги почитуваат дадените препораки, успеавме да постигнеме стабилна состојба кај хронично болните, што ни се одрази со драстично намалените повици во службата за Итна медицинска помош.

- Во еден дел од летните месеци за 24 часа имавме од 50 до 60 повици во службата за Итна медицинска помош, што навистина е драстично намалување во однос на минатите години. Овие акции вродија со добар ефект кај граѓаните, додаде Баевска-Вучковиќ. 

03.09.2013 - 14:38

најчитано сега