Заврши третата фаза од конзервацијата на Куќата на Ајри Доко

Во рамки на проектот за зачувување на архитектонско-стилските вредности на градските јадра и соодветен третман на споменичното наследство, во Охрид заврши третата фаза од конзервацијата (факсимилна обнова) на репрезентативниот објект од охридската староградска архитектура, Куќата на Ајри Доко.

Како што соопшти Министерството за култура, конзервацијата на Куќата почна во 2011 година кога поради сериозните оштетувања на темелите, објектот беше урнат. Градежните работи продолжија во 2012 година кога беа оформени приземјето и катот од објектот, а оваа година е поставена дрвена покривна конструкција и е пристапено кон оформување на фасадата на објектот. За наредната година останува да се постави надворешната столарија, да се дообработи фасадата на катот од објектот и да се изведат внатрешните преградни ѕидови.

Реализацијата на проектот на овој значаен споменик на културата лоциран во стариот дел на градот е во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. Претходно, во Охрид, во рамки на повеќегодишниот проект, целосно е завршена санацијата на фасадата на Куќата на Бојаџиеви. Двете зданија ја претставуваат во полно светло охридската староградска архитектура и урбанистичките концепции од 19-от век.

Со реализацијата на овој повеќегодишен проект ќе се даде придонес кон зачувување на архитектонско-стилските вредности на градските јадра и ќе се овозможи соодветен третман на споменичкото наследство, наведува Министерството. 

01.09.2013 - 11:36
Фото: 
ohridnews

најчитано сега