ВМРО-ДПМНЕ го реафирмираа Меморандумот за поддршка на ЕУ интеграциите на Република Македонија

 

Денес, во името на најголемата политичка партија во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, би сакал да го реафирмираме Меморандумот за поддршка на ЕУ интеграциите на Република Македонија.

Имено во ВМРО-ДПМНЕ сме горди што повторно покажавме пред (домашната и странска јавност), дека сме политичка партија со јасни приоритети со кои секогаш интересите на Државата ќе бидат над партиските. Сепак и нам, а и на македонската јавност, ни е јасно дека за што побрзо остварување на стратешката цел и влезот на Република Македонија во ЕУ, потребен е широк консензус, помеѓу најголемите политички партии, се со цел да се оневозможи, во иднина одвнатре да се успорува овој процес, покрај сите мерки и реформи кои ги презема Владата на Република Македонија.

Затоа го реафирмираме предложениот Меморандум за поддршка на ЕУ интеграциите на Република Македонија. Воедно силно стоиме на негово целосно реализирање.

Истиот е јасен и недвосмислен неоставајќи простор за различна интерпретација, а партиите кои ќе го потпишат пред македонската јавност се обврзуваат на 3 точки и тоа:

          1. Континуирано и без одлагање, во рамките на институциите, ќе ги спроведуваат сите активности и реформи потребни за исполнување на критериумите за членство во Европската унија, односно, ќе обезбедат конструктивна поддршка на истите.

          2. Ќе се воздржат од дејствија и активности кои може да го попречат или негативно да влијаат на пристапниот процес; притоа, несогласувањата или различните мислења ќе се надминуваат со меѓусебен дијалог во рамките на институциите, пред се во Собранието на Република Македонија, водејќи сметка пред се за интересот на државата и нејзините граѓани.

          3. Ќе вложат напор за постигнување на усогласени ставови или решенија во однос на надминување на предизвиците со кои се соочува Република Македонија во пристапниот процес. 

Со ова цениме дека и политичките актери на кои деструктивноста им е главно одбележје треба за момент да се посветат на приоритетите на Република Македонија, воедно почитувајќи ја желбата на сопствените гласачи и на сите останати граѓани на РМ, кои недвосмислено ја подржуваат интеграција на Република Македонија во ЕУ.

Веруваме дека предизвиците ќе не направат уште посилни и нема да дозволиме во иднина, да им се помага на тие кои се трудат патот до ЕУ да ни го направат потежок.

ВМРО-ДПМНЕ искрено верува дека овој Меморандум, ќе гарантира пред македонската јавност и европската заедница, дека во иднина сите политички недоразбирања ќе се решаваат во институциите пропишани со законите на Република Македонија.

 

Внатрешната обединетост околу македонските стратешки цели и определби мора на сите да ни бидат приоритет. На тој начин единствено граѓаните на Република Македонија ќе бидат наградени.

(Интегрален текст од прес-конференција Никола ПОпоски - член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ)

31.08.2013 - 15:41

најчитано сега