Општина Илинден ќе го добие првото средно училиште

 

Во Општина Илинден со стартот на новата учебна година првпат се воведува средно образование со изградбата на новото модуларно училиште.

Во две паралелки, за електротехничка струка, и за информатика, комуникациска технологија и автоматика,  се запишани 63 ученици, соопшти денеска Општина Илинден.

Модуларното училиште претставува високо енергетско-ефикасен објект, со иновативен пристап и воведени нови технологии и еколошки материјали, греење и ладење со алтернативни извори на енергија, со искористување на топлинската енергија од подземните води. Новото средно стручно училиште располага со модерна лабораторија по ИКТ опремена со моќна информатичка опрема.

- По сеопфатната анализа за потребите од соодветни кадри за стопанството во Општината произлезе изборот на средното училиште кое ќе профилира кадри кои веднаш по завршувањето ќе бидат оспособени да се вклучат во производствените процеси. Оваа практика од поодамна позната во светот, за прв пат во нашата земја се применува токму во Општина Илинден, благодарејќи пред се на добрата соработка на локалната самоуправа со бизнис заедницата, се вели во соопштението.

Од Илинден информираат и дека трите основни училишта на подрачјето на општината подготвено ја пречекуваат новата учебна година и оти се запишани 193 првачиња.

30.08.2013 - 12:57

најчитано сега