СКАНДАЛ: Уредникот на Нова Македонија ја цензурураше Мирка Велиновска

Независниот колумнист на Нова Македонија и уредникот на весникот Зоран Димитровски- Жоро влегоа во отворен конфликт предизвикан од одлуката на уредникот на цензурира дел од колумната на Мирка без нејзино знаење, пренесува Maxim.mk

Конфликтот започна уште минатата недела кога Мирка во својата колумна ги критикуваше ставовите на Димитровски изразени во неговата колумна а кулминираше вчера кога Димитровски решил да го избрише делот кој се однесува на него.

Емаил преписката меѓу двајцата новинари веќе беше објавена на социјалните мрежи.

----------------------------------------------------------------------------------------

(Димитровски - вовед од имејлот):
Ти се обраќам на овој начин за да има писмена трага од нашата комуникација. 
Немам никаков проблем да ги објавувам текстовите - колумните во кои ме напаѓаш мене лично, мојот карактер или моите ставови, дури ниту кога ме споменуваш со име или со работно место, сеедно. Но, твојот ПС на последната колумна овојпат не го објавувам зашто мислам дека премногу ја оптоваруваме јавноста со лични дисквалификации.

(Мирка - одговор на воведот): 
Зоран Димитровски ми испрати порака во 17 часот на 29 август дека своеволно, како главен уредник, решил да ми ја цензурира колумната. Го отсекол мојот одговор на неговата колумна, објавена во Нова Македонија минатата сабота, која пак, беше негов одговор на мојата претходна колумна со која фактички почна полемика меѓу мене и него. Со ова тој го повредил моето загарантирано право како автор да ја повлечам колумната, односно соодветно да реагирам согласно договорот што сум го потпишала и согласно договорот со сопственикот на весникот кој ме ангажирал. Оваа пракса вака применета не била својствена ни во време на еднопартискиот систем и слободно можам да заклучам дека на ниту еден главен уредник или уредник не му паѓало на памет своеволно да интерввенира врз авторски текст, без да побара согласност од новинарот. Паѓале партиски казни за непослушност, парични казни, ама никој не го сторил она што го стори антикомунистот Димитровски.
Тој очигледно си мисли дека со позицијата што ја има мора да биде и победник во полемиката која тој ја почна со подметнувања и дискфалификации.
морам да кажам дека човекот од сите можни дискусии на јавната расправа за законите од медиумската сфера ги издвоил само двете кои го погодиле. Едната е мојата идеја за лиценцирање на новинарството за да се разграничи лобирањето од новинарството и за да се избегнат штетите што ги трпи неодговорното квазиновинарство со ширење шпекулации, манипулации и пропаганда. Другата беше на Дарко Јаневски кој праша дали новинарите треба да бидат изземени од лустрација. Легитимни гледишта кои наидоа на канонада неодобрување од одредена групација на која, ете, слободно и припаѓа и Димитровски. Но тој не дозволува јас да имам поинаков став од неговиот. 
Јас ова ќе го терам до крај. Полемиката која тој ја прекина на ваков вулгарен начин, јас ќе ја водам до крај и на сите можни начини.

-----------------------------

(Првата точка на Димитровски): 
1. Како надворешен член на редакцијата немаш посебна обврска да ја почитуваш уредувачката политика на весникот за која сум задолжен јас заедно со редакцискиот колегиум и самата знаеш оти имаш слобода на мислење и изразување, но морам да те потсетам дека е крајно непрофесионално во весникот во кој што работиш да ги напаѓаш редакцијата, главниот уредник, директорот или сопственикот.

(Одговорот на Велиновск):
Тој тврди дека непрофесионално сум ја нападнала редакцијата, колегиумот, директорот и сопственикот на весникот од кои нели јадам леб. Ова го ценам за тешка манипулација и Димитровски судски овојпат ќе мора да ја докажува својата констатација. Ќе мора да докажува со кои постапки и дела сум го сторила тоа и како оштетени страни ќе мора да ги повика навредените од мене.
------------------------------------
(Втората точка на Димитровски):
2. Во два-три твои последни текстови или колумни има класичен говор на омраза, поради што имав реакции од повеќе колеги и читатели. Должен сум да те потсетам оти говорот на омраза е казнив според Кривичниот законик на РМ. Не би сакал да ја изложувам редакцијата и сопственикот на „Нова Македонија“ на судски процеси кои сигурно ќе ги загубиме ако оние што се предмет на говорот на омраза, не тужат. Истовремено, моја должност е да внимавам и на угледот на весникот, кој сериозно го загрозува говорот на омраза. Поради тоа, сакам да те замолам да внимаваш при избирањето зборови кога пишуваш лични дисквалификации.

(Одговор на Велиновска):
Сум применувала класичен говор на омраза во своите последни ,,две-три,, колумни. Докази? Му се јавувале на Димитровски бројни читатели и колеги новинари, претпоставувам. Тие можеле заради мене да ја тужат Нова Македонија. Јас мојот стил и мојот изразен алат го сметам за мое право на слобода. Никој, па ни тој, не сум ги тужела за говор на омраза кој континуирано го применуваат врз мене. Овојпат ќе се видиме на суд за неговите изразни средства од последната колумна, па да видиме како ќе ја одбрани Нова Македонија од себе и својот говор на омраза.
----------------------------

(Последната точка на Димитровски):
3. Не е во ред што и покрај тоа што си надворешен член на редакцијата, не покажуваш елементарна лојалност кон „Нова Македонија“. Знаеш дека „Нова Македонија“ има новинар кој се наоѓа зад решетки, а од денот на неговото апсење на никаков начин не се обиде да го поддржиш барањето за негово ослободување од притвор, кое го поддржа дури и МАН. Не учествуваше на ниту еден собир - протест на новинарите во организација на Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, а истовремено, да те потсетам, присуствуваше на протестот пред грчката амбасада за неправдата кон нашата колешка од „Дневник“, Ивана Костовска. Во меѓувреме, ги замоливме со мејл сите наши колумнисти, вклучително и тебе, да ни дадат изјава во врска со нашето барање Кежаровски да се брани од слобода. Сите не удостоија со одговор - само ти не напиша ниту ред.
Се надевам дека ќе ги надминеме недоразбирањата во интерес на „Нова Македонија“ 

(Одговор на Велиновска):
И последно, но за мене незамисливо, Димитровски си зема за право да ме ,,крсти,, и диференцира врз основа на тоа што не сум се појавила на протестите кои тој ги организирал а во врска со притворот на Томе Кежаровски. И за непотпишување на петиција. Со тоа тој ми става до знаење дека јас мора да сум истомисленик со него и останатите кои мислат како него. Не знаев дека постои облигаторност во вакви акции, дотолку повеќе што тој замислете ме потссетува дека сум била член на МАН, а ете не сум се истакнала во одредена активност. Повеќе пати сум кажала дека сум била член на Сојузот на комунисти и тоа по сопствена волја и заради своја политичка определба. Па никогаш и под закана од било каква казна, не сум дозволувала демократскиот централизам да ми го суспендира моето лично мислење. Не ми е познато како овој човек кој себе се перцепира за демократ воопшто може да се дрзне ова да ми го спочитува и да мисли дека било кога јас ќе му дозволам било кому да ме дисциплинира и регрутира против моја слободна волја и мое мислење. Најмалку за проекти кои тој ги турка а досега се покажале фалш. 

Тој се разбира мисли дека вака ќе ги разреши недоразбирањата со мене. Но, јас не сум како него. Не давам да ме уценува и тормози никој. Особено не човек со вакви карактерни перформанси. 

-------------------------------------------------------------------------------------------------------

Според пишувањата на социјалните емдиуми, колумната Мирка ја испратила до редакцијата во 9:30 а за цензурата била известена дури во 17 часот кога било доцна таа да си ја повлече од печатење. Велиновска и сопственикот на медиумот Минчо Јорданов имаат посебен договор со кој нејзиниот статус е регулиран како независен соработник и колумнист.

30.08.2013 - 10:11

најчитано сега