Хуман гест на ракометните гиганти Вардар и Металург
Македонските ракометни гиганти Вардар и Металург уште еднаш на дело ќе ја покажат својата голема хуманост и општествена одговорност.
Двата тима ќе бидат дел од хуманитарна акција за помош на 16-годишниот Борче Јовановски. Ова момче, кое боледува од ретка генетска болест, мора да оди на лекување во странство.
– Натпреварот од СЕХА лига против Металург, ќе има и хуманитарен карактер. Приходот од продажбата на билетите од натпреварот ќе бидат наменети за операција за Борче Јовановски, роден 15.08.2001, кој мора итно да замине на операција во странство на трансплантација на коскена срж. Шеснаесетгодишниот Борче боледува од ретка генетска болест „Бета Таласемија“ и неговата здравствена состојба се влошува поради што е потребно да замине на лекување во странство, соопштија на денешната прес-конференција од клубот.
Дуелот меѓу Вардар и Металург ќе се игра во сабота (9 декември) во терминот од 20:45 часот, во СЦ „Јане Сандански“, а цената на билетите ќе изнесува 50 денари и истите може да се купат преку продажната мрежа на wwwticketplus.mk.
На влезот на салата ќе бидат поставени и кутии за донирање на пари кои исто така ќе бидат наменети за лекувањето за Борче Јовановски.
Воедно и од тимот од Автокоманда најавија дека сите средства од натпреварот помеѓу Металург и Динамо Панчево, закажан за 12 декември ќе бидат наменети за оваа хумана акција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа